Филм: „Бикот“ и „Жалиме што ве промашивме“ на Браќа Манаки

65

„Бикот“ во режија на Борис Акопов, чиј кинематографер е Глеб Филатов е филмот што ќе се прикаже утревечер (19 септември), со почеток од 20 часот, во Центарот за култура во Битола, а во рамки на главната Компетиција Камера 300 на 40. јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Во ова руско остварување, дејството се случува на крајот од 1990-тите, во Русија кога оваа држава тешко успева да застане на нозе по распадот на СССР. Земјата е истоштена од економскиот и морален пад, факт што се одразува на ширењето на локалните злосторнички банди. Водачот на една таква група, момче наречено Бикот, завршува во полициска станица по една борба со соперничката банда…

Подоцна, истата вечер и на истата локација, од 22,20 часот ќе се прикаже „Жалиме што ве промашивме“ на режисерот Кен Лоуч и кинематограферот Роби Рајан. Во оваа британско-француско-белгиска копродукција, Рики, Аби и нивните две деца живеат во Њукасл. Нивното семејство води тешка борба со долгот заостанат од финансиската криза од 2008 година. Една можност за да се изборат за некаква независност се појавува во вид на едно сјајно ново комбе и шанса за водење бизнис како самовработен возач за испораки. Тоа е тешка работа, а и работата на неговата сопруга како негувателка на стари луѓе не е нималку полесна. Семејството е силно, но кога и двајцата се повлечени во различни насоки, сѐ доаѓа до критична точка…