Во градските кина љубителите на филмови и во најтоплиот месец во годината можат да проследат остварувања од различни жанрови, со различни теми, со нови и познати актери…

Во јули, месецот на летните одмори, за оние кои сè уште не се спакувале за на море, езеро или планина, градските кина нудат забава преку филмските остварувања кои се најнови во светската кинематографија.

Македонската публика веќе може да ја види француско-сенегалската комедија „Патувањето на Јао“, во режија на Филипе Годо. Во неа, Јао е младо момче кое ги сака книгите и сонува за авантури, и бега од своето село во северен Сенегал да го запознае својот херој, познат француски актер кој е во посета на својата родна земја. Обземен од посветеноста на Јао, тој решава да го придружува на патот до дома. Делејќи го авантуристичкото патување до селото на ова дете, актерот сфаќа дека се враќа кон своите корени… Во филмот улогите ги толкуваат Омар Су, Лионел Луис Бас, и познатата африканска пејачка Фатумата Дијавара.

Семејството, заедно со најмладата кино публика, може да ужива и во најновиот филм за познатиот суперхерој Спајдермен.

Насловен „Човек-пајак: Далеку од дома“ во режија на Џон Ватс, филмот прикажува како Питер Паркер и неговите пријатели одат на летен одмор во Европа… Таму Питер се обидува да се бори против новиот непријател, Мистерио, кој како што укажува и неговото име, можеби не е сè што покажува. Во оваа холивудска акција – авантура со фантастични елементи играат Том Холанд, Џејк Гиленхал, Зендаја, Семјуел Л. Џексон, Коби Смулдерс.

За љубителите на хорор приказните, во градските кина се прикажува (од 11 јули) американскиот акционен трилер „Плен“ во режија на Александре Аја. Во него, заплетот се случува кога катастрофален ураган ќе ја погоди Флорида, а Хали ќе ја игнорира наредбата за евакуација како би го пронашла нејзиниот татко кој е исчезнат. Во филмот играат Каја Скоделарио, Бери Пепер, Рос Андерсон.

Во истиов период (11 јули) ќе почне да се прикажува и американската комедија-акција „Стубер“ во режија на Мајкл Довс. Во неа добронамерниот возач на Убер по име Сту ќе собере патник, кој е всушност полицаец во потрага по брутален убиец. Тогаш тој запаѓа во тешко искушение во кое очајнички се обидува да си го задржи умот, својот живот и оцената од пет ѕвезди… Во филмот улогите ги толкуваат: Кумал Нанџани, Дејв Баутиста, Мира Сорвино, Карен Гилијан, Ико Увајс, Бети Гилпин и Џими Татро.

Најновата продукција – или римејк на Дизни „Кралот Лав“ во режија на Џон Фавро, ќе ја однесе публиката на едно патување во Африканската савана каде се раѓа идниот крал.

Симба го обожува својот татко, кралот Муфаса и од срце ја прифаќа својата кралска судбина. Но, не сите во царството го слават малиот лав. Скар – братот на Муфаса и поранешен наследник на тронот, има други планови… Борбата за Лавовското земјиште е катастрофална, исполнета со предавства, трагедија и драма, што доведува до прогонство на Симба. Со помош на двајцата нови пријатели, Симба ќе порасне и ќе стане силен лав, за да успее да го врати она што му припаѓа… Во оваа анимирана авантура, гласовите ги позајмуваат Доналд Гловер, Сет Роџерс, Чивител Ејофор…

Белгиско-канадската копродукција „Проект Колибри“ во режија на Ким Нигн, пак, македонската публика ќе може наскоро да ја види во градските кина. Во неа, братучедите од Њујорк – Винсент и Антон играат ризична игра во која победата се мери во милисекунди. А кој е нивниот сон? Да изградат оптички кабел помеѓу Канзас и Њу Џерси кој би ги направил милионери. Но, ништо не е едноставно за овој чуден пар. Антон е мозокот на операцијата, а Винсент е манипулатор, па заедно се бодрат, како и сите други до пресвртната точка во нивната бесмислена авантура. Некој кој им е постојано на пат е нивната поранешна шефица – Ева Торес, моќна и манипулативна која не се откажува од ништо… Улогите ги толкуваат Џеси Ајнсберг, Александер Скарсгард, Селма Хаек…