“Мими“ долгометражен игран филм на режисерот Даријан Пејовски, во продукција на “Скопје Филм Студио“, од 13. Октомври ќе почне со кино проекции за македонската публика. Љубителите на домашниот филм, ќе може да ја погледнат психолошката драма “Мими“ во киното “Синеплекс“ во трговскиот центар “Скопје Сити Мол“, Гратско кино Милениум во ГТЦ и во дел од градовите низ Македонија. Овој втор долгометражен филм на Даријан Пејовски, е психолошка драма за девојка која, потисната од родовите предрасуди од родниот крај, доаѓа да живее во Скопје. Се запознава со eкстровертната Сара и меѓу нив се раѓа пријателство што набрзо преминува во опсесија. Појдете во кино и погледнете ја разврската на оваа современа драма.

Улогите ги толкуваат: Наталија Теодосиева како Мими, Тамара Ристоска како Сара, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов и други.

Пејовски во својата филмска биографија како режисер ги запиша “Три дена во септември“ (2015), неколку краткометражни филмови, а работеше и на ТВ-сериите “Фамилија Марковски“, “Инсајдер“ и “Преспав“. Филмот е копродукција на Скопје Филм Студио со “Maxima Film“ од Хрватска и “Giggling Goat Production“ од Црна Гора. Направен е со поддршка од македонската Агенција за филм, ХАВЦ – Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот центар на Црна Гора.

“Мими“ го отвори овогодинешниот Фестивал на европски филм “Синедејс“ и беше прикажан во земјите копродуценти во рамките на Пулскиот филмски фестивал и фестивалот во Херцег Нови.