“Уште од Личеноски, Мартиноски, Пандилов, Коџоман… македонските уметниците континуирано ја градат македонската ликовна сцена и ја афирмираат нашата држава во светот. Наградата 13 Ноември доаѓа во вистинско време кога заокружуваме едно поглавје на големата традиција и активности на ДЛУМ. Таа е признание кое припаѓа на сите кои твореле, се уште творат и ќе творат. Се надевам дека јубилејот 75 години ДЛУМ ќе го крунисаме со добивање на сопствен галериски простор“, вели за весникот ВЕЧЕР Филип Фидановски, претседател на Друштвото на ликовни уметници на Македонија  

 

Точно на 75 години од првата изложба, Друштвото на ликовните уметници ја доби престижната награда “13 Ноември“ од Градот Скопје. Ова признание кое се однесува на сите оние кои во изминатите децении континуирано работеа на создавањето македонската ликовна сцена, но и на нејзино унапредување и афирмирање во светски рамки, според првиот човек на ДЛУМ Филип Фидановски, не е случајна. “Вредноста секогаш доаѓа до израз порано или подоцна. Многу симболика во еден момент. Оваа награда доаѓа во вистинско време кога заокружуваме едно поглавје на големата традиција и активности на ДЛУМ. Таа е признание кое припаѓа на сите македонски уметници кои твореле, се уште творат и ќе творат“, вели Фидановски за весникот ВЕЧЕР.

Голем багаж на плеќите на македонските уметници

Со оглед дека 75 години се долг период во кој ликовната уметноста успеала да се носи рамо до рамо со сите останати гранки во културата, го запрашавме Фидановски што е она што го одбележа делувањето на  ДЛУМ во сите овие изминати години. “Голем багаж на плеќите на македонските ликовни уметници. Уште за време на втората светска војна Личеноски, Мартиноски, Пандилов, Коџоман… се собирале и делувале како неформална група уметници, а на нивна иницијатива веднаш по ослободувањето на Македонија и Скопје се формира Друштвото на уметниците, научниците и журналистите кое е и организатор на првата изложба во 1945. Во 1946 година Здружението на уметниците се осамостојува и станува Друштво на ликовни уметници на Македонија, а се формира и Средното уметничко училиште.

Во 1948 година ДЛУМ го иницира и отварањето на Националната галерија, кое долги години менаџира со уметничкиот павиљон кој се наоѓал во непосредна близина на куќата на Личеноски и Мартиноски на кејот веднаш до старото сајмиште. На иницијатива на тогашните професори во уметничкото училиште и уметници се отвара и факултетот за Ликовни уметности каде дел од нив преминуваат и предаваат… За цело тоа време, па се до денес преку изложбите на нашите уметници државата се афирмира во целиот свет“, истакнува Фидановски.

Она што сепак, ќе остане како горлив проблем на уметниците е немањето на сопствен галериски простор, со оглед дека ДЛУМ е потстанар со децении наназад. Сите досегашни претседатели на ДЛУМ се ангажирале за добивање на достоен галериски простор за македонските ликовни уметници, но за жал не е најден еден достоен простор да му се додели на ДЛУМ на трајно користење во центарот на градот.

“Само како пример Друштвото во Србија има две галерии на Кнез Михајлова, хрватското друштво има цел објект во стариот дел на Загреб. Друштвото во Љубљана има галерија во центаротна градот, исто така и друштвото од Грција. Црна Гора има цел павиљон, а во Бугарија пак, Друштвото во своја сопственост има цела зграда на пет ката со четири ката галериски простор дадена од државата.. Ние, пак, сме потстанари наназад со децении“, вели Фидановски. Моментално, како што истакнува, ДЛУМ е со импровизиран галериски простор и канцаларија во Домот на армијата, а од неодамна имаат потпишано и договор за соработка со Галерискиот простор во ГТЦ кој е приватана сопственост за реализација на нивните проекти.

За дигнитетот на уметниците и уметноста

“Кога нешто не е ваше вие не можете да работите комотно. Имаше многу иницијативи, но немаше доволно желба да се реши овој проблем. И еве сега имаме една иницијатива до Министерството за култура, па ќе видиме каков ќе биде исходот. Мислам дека овој пат ќе успееме и дека овој Јубилеј ќе го крунисаме со добивање на галериски простор за ДЛУМ во центарот на Градот кој ќе биде дом на сите македонски уметници“, открива Фидановски. Според него постојат и многу други проблеми врзани за дигнитетот на уметниците и уметноста во државата. “Живееме во време кога неизвесноста е добро утро. Секако уметникот и уметноста не се поштедени. Еден од проблемите кои треба да се решат е егзистенцијата на уметникот, на самостојните уметници, да добиваат месечен надоместок (плата) покрај она што го добиваат платени придонеси од државата. Имаме многу млади талентирани уметници кои немаат свој простор за творење и реализација на замисленото, мора државата да обезбеди соодветен простор кој би се доделил на ДЛУМ да го менаџира и адаптира во ателјеа и по пат на оглас да го доделува на млади уметници за да работат и создаваат за одреден период колку им е потребно. Сметам дека овие два аспекта се многу битни и затоа и ги издвојувам“.

За тоа, пак, колку кај младите во државата има интерес за професионално бавење со ликовната уметност и колку таа им е предизвик, Фидановски кој е и уметник и професор во средното уметничко училиште “Лазар Личеноски“ вели: “Да, има интерес, но тој не е оналку голем како порано. Правиме промени во однос на начинот на промоција за да го потикнеме интересот кај младите. Секако ова бара и осовременување на постојните услови во кои се одвива ликовното образование“.

ДЛУМ и во овие услови на сложена ситуација за целото човештво покажа дека одлично може да функционира, па според првиот човек на ова друштво, досега сите зацртани проекти за оваа 2020 успешно се реализирани држејќи се до сите протоколи.

“Остануваат до крајот на годината да ги реализираме уште изложбите “Минијатура“ и “Мал формат“. Жалам што оваа година не ја реализиравме изложбата за Њујорк, па се надевам на подобро време. Што се однесува за овогодинашниот конкурс ДЛУМ аплицираше со три проекти, едниот е стандарден со годишната програма на ДЛУМ , вториот е проектот за одбележување на Јубилејот 75 години ДЛУМ, и третиот е за издавање на Монографија за ДЛУМ“, вели Фидановски.

 По 75 години реобјавена првата изложба во државата

Токму на доделувањето на 13 ноемвриските награди, кое се случи во Филхармонијата, присутните имаа и ексклузивна можност да ги видат делата од првата изложба со дела на основоположниците на современата македонска уметност, одржана во 1945. Иако тогаш биле претставени 114 дела од 19 автори, на реинтерпретираната изложба можеа да се видат 15 дела од исто толку автори.

“Откако ја добив веста дека ДЛУМ ќе ја добие наградата дојдов на идеја да организираме реинтерпретација на првата изложба, бидејќи истата била отворена во Скопје на 13 ноември 1945 во чест на паднатите херои за ослободување на Скопје. Со оваа изложба на јавноста сакавме да и ја покажеме долгата историја и значењето на ДЛУМ, но и симболично да го отпочнеме славењето на големиот јубилеј.  Притоа нашите куратори Маја Чанкуловска и проф. д-р Кирил Пенушлиски го најдоа во архивите и првиот каталог на оваа групна изложба одржана во поствоена Македонија, кој го препечативме. Едноставно, коцките некако се подредија така да немаше поубав момент за отпочнување на славењето на јубилејот кој ќе трае цела 2021 година“, посочува Фидановски. (Д.Трајковска)

Фото:Ѕ.Плавевски и П.Стојановски