Филипче: Утре ќе се дискутира за можни нови мерки, има болнички места и медицински кадар

68

Комисијата за заразни болести утре на состанок ќе одлучува дали ќе има нови рестритивни мерки покрај предложените и тие што се во сила и ќе се анализира на што се должи скокот на новозаразени во последните денови и кој е начинот на трансмисија на вирусот.

Министерот за здравство вечерва во гостување во Дневникот на ТВ Сител рече дека на состанокот ќе се дискутира за можни нови мерки кои би вклучувале рестрикции во јавниот превоз, ограничување во работата на угостителски објекти, економски субјекти и компании и секаде каде што постои ризик. Дел може да бидат во некои општини, и некои да важат и за цела држава. Ќе се дискутира и дали да се ограничи движењето навечер, но, лично смета дека во овој момент е рано зашто, како што рече, има простор се уште да се почитуваат мерките преку ден за да нема голем пренос на вирусот.

Иако и тое е апсолутно мерка која во даден момент може да биде предложена. Гледаме дека забрзано се исполнуваат капацитетите и согласно со тоа може да предложиме дополнителни рестрикции. Живееме со вирусот, така е во цела Европа. Доколку се почитуваа рестриктивните мерки, немаше да биде ваков скок на новозаразени и свесни сме дека ако тие мерки не се почитуваат, треба дополнителни рестрикции. Доколку има потреба од итност, ќе најдеме и такво решение. Утре ќе ги анализираме податоците од прашалниците, начинот на трансмисија, тежината на болеста на новодијагностицираните и врз основа на тоа ќе донесеме одлуки. И овие мерки кои сега чекаат законски измени, законот е следната недела во Собрание, се дел од нашиот план – со заострување на тие рестрикции да го ублажиме овој скок на заразени лица, рече Филипче вечерва откако Министерството за здравство соопшти за нов негативен рекорд со 535 нови случаи со КОВИД-19 во изминатите 24 часа.

Значаен раст на новоинфицирани, рече министерот, има во цел регион и во Европа и тој бил очекуван. Се предупредувало на тоа и ги подготвиле болничките капацитети. Посочи дека во сите болници има слободни кревети но брзо се полнат и затоа е подготвена модуларната со 72 кревета.

Доклку се преполни „8 Септември“ подготвени се, рече, да пренаменат и други капацитети за оваа болница да не стане КОВИД-центар и за да може да функционира вообичаено. Одговорно тврди дека место на Инфективна има – во модуларната или во одделенијата на самата Клиника, има подготвен персонал и дека ниту еден пациент не смее и не се одвраќа.

Рече дека не недостасуваат доктрои и сестри, има списоци за ротации на медицнски персонал, а ќе се вклучат студенти од шеста година за да им помагаат на епидемилозите во правење на анкетите.

-На секој на кој му е потребна брза дијагностика може веднаш да дојде во болница, тука има брзи тестови, а исто така и на Институтот за јавно здравје. Секојдневно ги пратиме термините, дополнително дополнуваме таму каде што се потребни, верувам дека со брзите тестови ова значајно ќе се смени, рече Филипче.

За чекањето  по неколку дена за тестирање кое го закажуваат матичните лекари рече се очекува да се надмине со брзите тестови и најави донација на 7500 кои треба да дојдат во наредните десетина дена, а исто така ќе се набавуваат и со заем од Светска банка.

За училиштата засега не се размислува за предвремен зимски распуст, зашто е мал бројот на заразени деца во градинки и училипшта и во изолација се одреден процент. Но може, рече, да се смени функционирањето на наставата со физичко присуство само за одредена општина според епидемилошката состојба.

-Но секако ќе се земе предвид ако сериозно се зголеми бројот, посебно ако некој регион или општина сметаме дека е во ризик во делот на функционирање на училиштата. Засега не. Сепак размислуваме за овие други мерки како дополнителни во однос на рестрикција во јавниот превоз, а секако и училиштата таму кај што треба, додаде министерот за здравство.

Во однос на смртноста, посочи дека најголем дел, над 85 отсто од починатите, имале други болести и на возраст над 60 години и дека таа е најкритична и најризична група. Има и пациенти кои доцна доаѓаат во болница и со лоши параметри и веднаш треба да се приклучат на респираторна машина.

Извор:МИА