Филипче: Со укинувањето на квотите за лекови на рецепт од 1 октомври нема да има недостигот на медикаменти

121

Целосното укинување на квотите за лекови на рецепт почнува на 1 октомври, информира Министерството за здравство и додава дека минатиот месец се укинаа квотите за лекови на рецепт во аптеките во регионите на Охрид, Струга, Ресен, Дојран и Гевгелија.

Со оваа одлука, во фази почна спроведувањето на мрежата за доставување на лекови без квоти и воспоставување на дополнителни механизми за заштита од злоупотреба, додава Министерството и нагласува дека придобивка од ова решение е надминување на проблемот со недостатокот на лекови, да бидат подостапни за пациентите.

-Го зајакнуваме нашиот здравствен систем. Ова е само еден сегмент. Го зајакнуваме системот на примарно здравство. Сериозно веруваме дека следната година ќе имаме целосно променета слика со патронажни сервиси кои ќе можат да им даваат услуги на пациентите во домашни услови, со лекови достапни во аптеките ширум државата. Тоа ќе значи поквалитетен здравствен систем, полесен пристап до здравствена услуга и задоволни пациенти, изјави министерот Филипче.

Со укинувањето на квотите, се додава во соопштението пациентите ќе бидат во главен фокус во здравствениот систем за нивно обезбедување со квалитетни здравствени услуги и лекови согласно нивните потребите, ќе се обезбеди редовен пристап до лекови на рецепт во текот на целиот месец, ќе бидат порелаксирани за посетувањето на лекарските ординации и аптеките каде нема да има големи гужви само заради пропишување и подигање лекови на рецепт особено на почетокот на месецот, нема да имаат страв дека може да останат без потребниот лек за терапија доколку нема квоти во аптеките при крајот на месецот.

Како придобивки Министерството наведува и дека пациентите ќе можат да бидат обезбедени со лекови согласно нивните реални медицински потреби, без да прават залихи на лекови во нивните домови, ќе можат да помогнат на здравствениот систем со подобро рационално користење на лековите и почитување на препораките од лекарите и фармацевтите, осигурените лица од први октомври ќе можат да ги подигнуваат лековите во аптека со рецепт и документ за лична идентификација.

На рецептот го има името и презимето и единствениот матичен број на осигуреникот на кого е препишан лекот. Доколку осигуреникот не може сам да го подигне лекот, тогаш го подигнува друго лице во негово име чиј број на лична карта се запишува на рецептот. На овој начин точно ќе може да се провери во секое време дали лековите ги добиваат лицата на кои се препишани. Со оваа мерка, граѓаните ќе имаат лекови во кој било период од месецот, додава Министерството.