Филипче: Со донацијата на вакцини против Ковид-19 од Бугарија за кратко ќе го почнеме процесот на вакцинација

54

Владата на Република Бугарија на денешната седница донесе одлука од секоја колична вакцини против Ковид – 19, која стигнува во таа држава, една одредена количина да биде наменета за нашите граѓани и тоа да биде во форма на донација. Со ова ние практично стигнуваме до вакцините со истата временска динамика со која стигнуваат и земјите – членки на ЕУ. Бугарија како членка на ЕУ ја имаше таа привилегија да прави директни преговори со повеќе произведувачи. Благодарение на овој пријателски чин, со оваа донација за кратко ќе го почнеме процесот на вакцинација и ќе го олесниме пристапот до вакцините за да може да вакцинираме 60 до 70 отсто од населението, истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој се обрати на седницата.

Министерот Филипче беше во Софија на покана на бугарскиот премиер Бојко Борисов и министерот за здравство Костадин Ангелов. Република Бугарија од секоја пратка вакцини против Ковид – 19, кои директно ги купиле од производителите, дел ќе донира и на нашата земја. Според информациите од здравствените власти во Република Бугарија, најпрво во Софија ќе стигне вакцината на „Фајзер“, потоа на „Модерна“, па на „Астра Зенека“, соопшти Министерството за здравство.

– Веќе разговаравме и за техничките детали во однос на испораката, верувам дека во исто време ќе добиеме дел од вакцините како и земјите од ЕУ, посочи Филипче.

-Ова го правиме со чисто срце без никакви задкулисни намери, го правиме за нашите најблиски соседи. Се надевам дека следната година со Захарева и Каракачанов ќе пронајдеме заедничко решение за интегрирањето на Северна Македонија во Европската Унија, како што ја подджавме и за НАТО. Така што не се случи ништо страшно, прашање на политичка волја и од двете страну е да стигнеме дотаму, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов на денешната владина седница.

Бугарскиот министерот за здравство Костадин Ангелов посочи дека целта на оваа одлука е постигнување солидарност во услови на излегување од кризата, која ја предизвика пандемијата.

-Имаме можност за препродажба и донирање на вакцини против Ковид-19. Во таа смисла по покривањето на националните потреби и потпишувањето на соодветните спогодби, ќе обезбедиме вакцини за граѓаните на Република Северна Македонија, нагласи Ангелов.

Освен преку донација од Република Бугарија, нашата земка обезбеди вакцини и преку Ковакс механизмот. Европската Унијата за земјите членки обезбеди 400 милиони вакцини и 100 милиони дополнително за земјите кои не се во Унијата, а вакцините може да ги добиваат со посредување на земји членки. Досега таков вид на помош, на нашата земја и понудија Полска и Грција. Република Северна Македонија преговара и со произведувачите за директна набавка на вакцини и од нив, потенцираат од Министерството за здравство.