Филипче: Нема сомнеж во квалитетот на кинеските вакцини, чекаме детали за цената

103

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека нема сомеж во квалитетот на овие вакцини, кои вече беа најавени од премиерот како една од опциите.

„Премиерот ја најави како една од опциите. Разговаравме со преставници на кинеската амбасада и уште пред некое време стапивме во контакт, кои што ни ги дадоа токму од кинеската амбасада. Сега чекаме детали во однос на договорот во однос на цената, во однос на испораката и верувам дека до крајот на оваа недела сите детали ќе ги имаме“, изјави во емисијата „360“, министерот за здравство, Венко Филипче за информацијата дека нашата земја е заинтересирана за купување на кинеските вакцини „Синовак“ и „Синофарм“.

На прашањето, дали проблем може да биде тоа што овие вакцини не се одобрени од Европската агенција за лекови, министерот одговори:

„Сосема соодветни се документите, сертификатите што сите производители на вакцини ги имаат од своите матични земји. Во таа смисла, начинот на кој се евалуираат сите резултати од клиничките студии, процесот на изработка на вакцините, конкретно овие за кои зборуваме, е одлично познат на нашите експерти. Токму тоа го анализираа буквално за сите вакцини кои се сега на пазарот, така што, нема никаква административна пречка и, секако, дека нема сомнеж во нивниот квалитет“, потенцира Филипче.