Министерот за здравство и потпретседател на СДСМ, Венко Филипче, во вечерашното издание на емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија, истакна дека нема тајни разговори со Бугарија ниту некакви скриени сценарија и дека не ги разбира постапките на ВМРО – ДПМНЕ.

Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ била поканета во Министерството за надворешни работи што, според него, е уште еден доказ дека нема ништо тајно во преговорите.

„Се е отворено и транспарентно. Ниту еден акт, ниту еден документ, ниту едно преговарање не е скриено и тоа е одлука на оваа Влада. Се е јавно и транспарентно. За Преспанскиот договор имаше референдум. Што се скри тогаш. ВМРО-ДПМНЕ треба да даде поддршка за процесите кои значат заокружување на тој долг пат кон евроинтеграциите, што го помина земјата во интерес на граѓаните“ – рече Филипче.

Според него, малата излезност на протестите е фијаско на политиката на ВМРО-ДПМНЕ.

„Политиката треба да биде инструмент за да се разговара, да се најде заедничко решение и да се постигне консензус. Тоа граѓаните го очекуваат од нас“ – рече Филипче.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе неколку дена во Скопје и во поголемите градови низ државата одржува протести против, како што велат, продажбата на националните и државните интереси од страна на власта. Бараат поголема транспарентност во преговорите со Бугарија.