Ѓорѓи Јота, хирург и професор на Медицинскиот факултет во Скопје,  синоќа бил прегазен на крстосницата од булевар „Мајка Тереза“ и улицата „Елисие Поповски Марко“ во Скопје, додека го напуштал работното место.

58-годишниот доктор бил прегазен од 16-годишно момче кое управувало автомобил БМВ Х6. Доктор Јота со тешки телесни повреди и во безсознание бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека докторот  Јота има повреди на мозокот и нагмечено белодробно крило и дека бил ставен на респираторна машина. Убеден е дека неговиот колега ќе ја добие битката за живот.

Случајот го потврди и Министерството за внатрешни работи.

„На 25.02.2021 во 20:30 часот било пријавено дека на крстосницата од булеварот „Мајка Тереза“ и улица „Елисие Поповски-Марко“ патничко моторно возило „БМВ Х6“ со скопски регистарски ознаки управувано од 16-годишник удрило во Ѓ.Ј. (58) од Скопје. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил пешакот констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Скопје, се наведува во одговорот од МВР.

Лекарската комора  најстро го осуди инцидентот во кој со тешки повреди се здоби д-р Ѓорѓи Јота. -Особено сме згрозени од фактот што сторителот без да пружи и повика помош го напуштил местото на настанот оставајќи го повредениот во тешка, животнозагрозувачка состојба. Ценејќи ја сериозноста на овој случај упатуваме јавно барање до судско-обвинителскиот систем навремено, сериозно и одговорно да пристапат кон решавање на овој случај, а сторителот да биде најостро санкциониран. Искрено и силно се надеваме за позитивен исход од лекувањето на нашиот колега, кој е исклучителен професионалец и кој со години дава огромен и значаен придонес за развој на професијата, едукација на млади лекари и спасување на човечки животи. Овој случај покажува дека не е потребно подигање на безбедносните стандарди само во здравствените установи, туку и во нивната непосредна околина, каде покрај здравствените работници се движат и лица кои поради здравствената состојба имаат потешкотии во движењето, како и инвалидизирани лица. Неопходно е да се создадат побезбедни услови за работа на здравствените професионалци и за лекување на пациентите, се вели во соопштението на Лекарската комора.

Од Лекарската комора велат дека надлежните институции потребно е да демонстрираат поголема подготвеност за санкционирање на ваквите инциденти, бидејќи лекарите не секогаш можат да го спасат животот на повредените, кои воопшто не би настрадале доколку сите се однесуваат одговорно. Лекарската комора, согласно своите надлежности, е подготвена за активно вклучување и давање придонес во сите процеси кои ќе значат унапредување на здравствената професија, здравствениот систем и третманот на пациентите.