Филипче: Битката со ковид-19 е добиена, оздравеа 1.470 пациенти, но борбата сè уште трае

По три месеци ние сме на крстосница дали да продолжиме да го враќаме постепено животот во нормала, да се отвораат угостителските објекти, бизнисите, границите и притоа граѓаните да ги почитуваат сите мерки, за да не се случи по неколку месеци да бидеме соочени со предизвик повторно да воведуваме рестриктивни мерки, посочи Филипче. Досега во земјава позитивни на вирусот се 2.039 лица, при што излекувани се 1.470, а во моментов се борат со заразата 453 пациенти. Битката со овој вирус ја изгубија 119 лица речиси од сите возрасти, но најмногу од повозрасната популација.

208

Епидемијата е целосно под контрола, битката е добиена, но борбата сè уште трае. Вака оценува министерот за здравство Венко Филипче три месеци по дијагностицирање на првиот случај на коронавирус во земјава. Но министерот потенцира дека вирусот е тука, треба да научиме да живееме со него и да ги почитуваме мерките за заштита – носење маска, држење физичка дистанца.

-По три месеци ние сме на крстосница дали да продолжиме да го враќаме постепено животот во нормала, да се отвораат угостителските објекти, бизнисите, границите и притоа граѓаните да ги почитуваат сите мерки, за да не се случи по неколку месеци да бидеме соочени со предизвик повторно да воведуваме рестриктивни мерки, посочи Филипче.

Министерот потенцира дека огромен дел од граѓаните ги применуваат мерките за заштита, но тие се жртви од оние кои не го прават тоа.

– Факт е дека вирусот нема да замине, ќе биде тука. Ќе мора да научиме да живееме со него. Тоа го прават во сите земји. Затоа ослободувањето и попуштањето на мерките, оди заедно во пакет со таканаречените меки мерки, а тоа се задолжително носење на маска, држење физичка дистанца и често миење и дезинфекција на рацете, истакна Филипче.

Досега во земјава позитивни на вирусот се 2.039 лица, при што излекувани се 1.470, а во моментов се борат со заразата 453 пациенти. Битката со овој вирус ја изгубија 119 лица речиси од сите возрасти, но најмногу од повозрасната популација.

За премиерот Оливер Спасовски клучна улога е почитување на мерките за не се случи да расте бројот на заболени.

– Никој не може да  предвиди како ќе ни се одвива ситуацијата и по отворање на границите и дали ќе остане вака или повторно ќе бидеме приморани да воведуваме некакви рестриктивни мерки. Сето тоа се прашања кои зависат исклучиво од нашето однесување – вели Спасовски.

Претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски им порача на граѓаните да ги почитуваат мерките иако сме на прагот на лето, бидејќи примерот на Бразил покажува оти топлото време и сувата клима не го убива вирусот. Тој објасни дека Комисијата ја следи континуирано епидемијата од првиот случај, од 26 февруари па до денешен период. Според него, во идниот период не очекува да расте бројот на заразени лица во земјава.

-Анализите покажуваат дека во последните 14 дена имаме од 10 до 40 регистрирани случаи на дневно ниво или просечно 24. Инциденцата се движи од 0,9 до 30, односно 6,8 на 100 илјади жители во нашата држава. Констатиравме дека имаме и 113 смртни случаи, меѓутоа последниве 14 дена ова многу драстично се подобрува и имаме само 1,1 смртни случаи на дневно ниво, што е многу подобро отколку во оние држави во кои сè уште има десетици и стотици случаи- појасни Караџовски.

Процентното учество на позитивните тестови во последните 14 дена, додаде, се движи од 2,7 до 8,7 отсто или просечно се 5,7 отсто на 14-дневно ниво.

-Уште пред повеќе од месец дена рековме дека кога ќе достигнеме некаде околу 5 отсто од овие тестови да бидат позитивни зрело е времето да почнат да се олабавуваат мерките. Еве сега имаме просечно 5,7 отсто, посочи Караџовски.

Во изминатите 14 дена, како што кажа, направени се 6.063 теста за дијагностика на ковид-19.

-Ако на почеток на епидемијата имавме еден алгоритам кој ни кажуваше дека треба да ги следиме оние лица кои имаат позитивна симптоматологија или лица кои имаат симптоми, а биле во непосреден директен контакт, сега ја менуваме нашата шема и одиме на многу пошироко тестирање на населението. Веќе сме во функција на повеќе од 2.000 направени теста кај лицата што работат во  градинките. Исто така, правиме напори да ги тестираме и лицата што се вклучени во домовите за стари лица, појасни Караџовски.

Тој најави дека во периодот што следи ќе се тестираат и здравствените работници, таксистите, возачите од ЈСП Скопје, АРМ, полицијата. Медиумските работници и трудниците не се вклучени со иницијалниот план за тестирање, но како што најави министерот за здравство Венко Филипче одлука за такво нешто ќе се носи зависно од состојбата.

Во моментов има 59 хоспитализирани на Инфективна клиника, 22 во ГОБ „8 Септември“ и 20-ина пациенти во инфективните одделенија во болниците низ државата.      (В.Ма.)