Министерот за здравство Венко Филипче во вечерашното гостување во емисијата „Само вистина“ на телевизијата Канал 5 рече дека епидемиолошката слика во земјава е добра и нема простор за загриженост кај граѓаните и воедно дека нема ризик за организирање на семејни прослави и културни настани во текот на ова лето.

„Засега треба да сме спокојни. Заради тоа се и попуштањата на мерките. Но, треба да бидеме претпазливи, бидејќи овој вирус е непредвидлив. Будно ја следиме состојбата. Важно е дека и покрај тоа што има одредени бранови во некои земји, нема смртни случаи. Вакцината штити од тешка форма на болеста и смрт. Ако продолжиме со ова темпо, полицискиот час ќе се укине, а се очекува да имаме концерти ова лето, семејни прослави. Нема ризик за организирање на такво нешто“ – рече министерот Филипче.

Тој очекува на почетокот на септември да биде вакцинирано 60 отсто од населението.

„Треба да се вакцинираат 1.200.000 лица. Кај нас се вакцинирани 50 отсто од оние кои се над 70 години, а 42 проценти од лицата над 65 години. И така беше предвидено во Националната стратегија за имунизација. Во овој момент, за вакцинација чекаат уште 180.000 граѓани. Од нив, 40 отсто се над 60 години и тие ќе бидат први вакцинирани“ – изјави Филипче.

Министерот за здравство  најави дека од утре ќе бидат дистрибуирани 30.000 вакцини од „Синовак“ добиени од Турција, а в понделеник треба да пристигне и новата количина на „Фајзер“.

„До крајот на следната недела, очекуваме да пристигнат 500.000 вакцини од „Синовак“. Со овие дози ќе се вакцинираат сите што чекаат и така бројот ва вакцинирани ќе достигне 430.000, што е околу една третитна од тие што треба да се вакцинираат. И тоа ни дава за право, да кажеме дека до крајот на летото, некаде почетокот на септември околу 60 отсто да бидат вакцинирани, што е сосема доволно да кажеме дека има одреден степен на имунитет“ – нагласи Филипче.