Филипче:Метадонската терапија ќе се прима пред лекар!

Како што најави министерот 520 зависници од центарот во Кисела Вода треба да се дислоцираат во поликлиниките „Јане Сандански“, во Ченто и во Карпош во болницата во Бардовци каде ќе ја земаат редовната метадонска терапија

127

До септември 520 зависници од центарот во Кисела Вода треба да се дислоцираат во поликлиниките „Јане Сандански“, во Ченто и во Карпош во болницата во Бардовци каде ќе ја земаат редовната метадонска терапија. Според министерот за здравство Венко Филипче се планира  покрај опремувањето на овие центри да се отворат вакви центри и во Ѓорче Петров, Чаир и Шуто Оризари, за што ќе биде обезбеден и потребниот стручен кадар.

Филипче смета дека на овој начин ќе се надминат сите проблеми со кои што се среќаваа досега и пациентите и населението од општина Кисела Вода, оти во новите пуктови тие метадонот ќе го земаат на лице место пред лекар и со тоа ќе се избегне евентуалната злоупотреба на овој лек.

Министерот укажа дека ова е договорено на средбата со градоначалниците на Гази Баба и на Кисела Вода, Борис Георгиевски и Филип Темелковски, директорот на Психијатриската болница Скопје, Ќамил Ковачи, претставници на општините Аеродром и Карпош, поранешниот градоначалник на Општина Аеродром, Ивица Коневски и здруженија на граѓани, кои што препорачале европските искуства, да се имплементираат и кај нас.

–Европски модели ќе  ги имплементираме заедно со општините и граѓанските организации.Во исто време ќе работиме со локалното население, за да им укажеме дека сликата која сега ја имаат не е вистинската и таа која ќе биде ако се случи дисперзијата, заради тоа што концентрацијата на огромен број случаи, над 500 пациенти кои се лекуваат во Кисела Вода, е главниот проблем. Со помал број пациенти на повеќе места едноставно нема да има проблем во однос на медицинскиот отпад, заради тоа што нема да биде расфрлан како што е сега. Исто така ќе има помалку проблематични случаи, бидејќи покрај медицинскиот третман ќе има и психосоцијална поддршка- објасни Филипче.

Тој потсети дека актуелните проблеми во Центарот за зависници во Кисела Вода траат повеќе од 20 години. Но, потенцираше Филипче проблемот стана поголем  од пред две години од откога се затвори овој центар во рамки на Клиничкиот центар. Со тоа големиот број зависници кои таму се лекуваа се префрлија во Кисела Вода и се создаде хаотична ситуација, оти тие не можеа да добијат соодветен медицински третман.

-Тоа пак отвора можности за злоупотреба на препаратите кои таму ги добиваат. Тоа е сликата која кај нас е создадена во однос на третманот на овие пациенти кои доколку би биле третирани на соодветен начин во мала бројка на повеќе места воопшто нема да изгледа така. Постои Центар за третман на зависници во ГОБ „8 Септември“ и таму не сме слушнале за никаков проблем и таму има училишта, градинки- вели Филипче и дополни дека со оглед на тоа што е мала бројка, тие пациенти не доаѓаат секој ден, ја примаат терапијата пред лекарите и на тој начин прво соодветно се лекуваат и второ се елиминира можноста за злоупотреба, потенцира Филипче.

Целта на дисперзијата, посочи, е да покажеме дека секој има право на соодветен пристап кон здравствена заштита и соодветен нејзин квалитет. Додаде дека тоа се наши сограѓани, пријатели, соседи, секој има право да добие третман достоинствен, блиску до местото живеење и на соодветен начин.

Што се однесува пак за тоа дали се размислува за обезбедување на центрите рече дека разговал и со министерот за внатрешни работи и е цврсто убеден дека нема да има потреба за тоа.

Покрај Скопје во Македонија има уште десет вакви центри каде се лекуваат зависниците и  тоа во: Битола, Тетово, Штип, Кичево, Охрид, Струмица, Гевгелија, Кавадарци, Велес и Куманово. Вкупната бројка на регистрирани зависници кои се лекуваат во целата држава изнесува 1950, додека вкупната бројка на оние кои што користат опојни дроги е многу поголема и изнесува околу 6.800 лица.

(В.Ма.)