Филиповски: Ќе го решиме деценискиот проблем со Усјанскиот канал

67

Кандидатот за градоначалник на СДСМ за општина Аеродром, Александар Филиповски на денешната прес-конференција истакна дека решавањето на како што рече  деценискиот проблем со Усјанскиот канал, ќе биде дел од неговите активности предвидени во програмата.

-Станува збор за децениски проблем со кои особено се соочени лисичани. Усјанскиот канал кој е во должина од 3,6 километри претставуваше место и за несовесно одложување на отпадот, но и за ширење на зарази и непријатна миризба, објасни Филиповски.

Потенцира дека ќе се пристапи кон целосно затворање на каналот и преуредување на просторот.

-Имено, овој дел ќе прерасне во рекреативна зона, која ќе можат да ја користат околните жители. На овој начин, ќе добиеме нов зелен и уреден простор во овој дел од Аеродром. Заштитата на животната средина е наш главен приоритет и тоа аеродромци ќе можат да го видат во секое маало, населба. Ова ќе биде пристапот и во следните четири години, изјави тој.

Додаде дека со цел реален увид на проблемите со кои се соочуваат граѓаните само преку континуирана двонасочна комуникација со граѓаните ќе биде креирана и мобилна апликација преку која аеродромци по дигитален пат ќе контактираат со секторите при локалната самоуправа. Но, исто така ќе имаат можност да го следат и статусот на предметите, барањата во општината.

-Ова е начинот за да имаме проактивна комуникација, реализација на проектите и задоволни граѓани. Концептот „Најдоброто за Аеродром“ е концепт за отворена и проактивна општина. И преземам одговорност за заедно да ја унапредуваме транспарентноста, а двонасочната комуникација да биде реалност, заклучи кандидатот за градоначалник.