Физичка или онлајн настава од вторник, Владата е на потег!

54

Комисијата за заразни болести, следејќи ја епидемиолошката состојба, денеска препорача наставата во второто полугодие од учебната 2021/2022 година да се одвива со физичко присуство за сите ученици во основно и во средно образование со доследно почитување на превентивните мерки и протоколи. Препораката на Комисијата за заразни болести треба да ја разгледува и Владата на седница закажана за денес попладне.

Претходно министерот за образование и наука Јетон Шаќири најави дека на владина седница ќе биде донесена одлуката дали наставата во второто полугодие од 1 февруари ќе почне во училишните клупи или од далечина.
„До крајот на неделата ќе имаме состаноци и пред почетокот на второто полугодие ќе се има и ставот на Комисијата за заразни болести и на Кризниот штаб. Ги имаме предвид и повиците од УНИЦЕФ, која е за физичко присуство на настава, а и ние сите, и наставниот кадар, свесни сме за придобивките од физичкото присуство. И според податоците, во првото полугодие, имавме многу мал број на заразени деца. Нашата одлука ќе беше лесна ако ја имавме истата варијанта од вирусот како што беше во септември и октомври. Сега има нова варијанта, но и тоа не значи дека почетокот на второто полугодие со физичко присуство ќе го зголеми бројот на заразени“, изјави Шаќири, истакнувајќи дека градинките се постојано отворени, а функционираат и други сектори.

Шаќири нагласи и дека за него како министер најважно е што децата едвај чекаат да почне учебната година, но и дека е важно да се почитуваат здравствените мерки. Како што посочи, за заштита од ковид-19 не треба да се мисли само во училиштата, туку е важно и однесувањето надвор од нив. „Не значи дека ако нема настава, повеќе ги почитуваме препораките отколку кога сме на настава“, рече Шаќири.

Да потсетиме, поради влошената епидемиoлошка состојба и проценката дека земјата се наоѓа на врвот на ковид-заразата, Владата на седница на 17 јануари донесе одлука за одложување на второто полугодие кое наместо на 21 јануари треба да започне на 1 февруари. Одлуката за продолжениот зимски распуст за околу 255 илјади ученици Владата ја донесе по препорака на Главниот координативен кризен штаб, а на наредната седница го утврди и бројот на наставни денови во вонредни околности со кои учебната 2021/2022 година ќе заврши во редовниот термин – 10 јуни 2022.

Претходно, група родители, организирани преку фејсбук-иницијативата „Поддршка за онлајн-настава“, побараа од надлежните второто полугодие да почне онлајн за сите ученици, бидејќи сметаат дека услови за настава со физичко присуство во училиштата нема.

Дел од експертите, пак, на став дека наставата треба да продолжи со физичко присуство, а треба да биде и без маски. „Вирусот толку брзо се шири што веќе е илузорно да се очекува значајно сопирање со расположливите мерки. Со ваквиот ‘шведски’ пристап во македонски услови брзо би си обезбедил колективен имунитет од над 95 проценти, а тоа ќе значи дефинитивно крај на епидемското ширење. Оттаму, имајќи ја предвид фактичката ситуација, мислам дека наставата не само што треба да продолжи, туку треба да биде без маски. Едноставно вирусот е толку многу заразен, што маските на училиште се гола форма. Доволни се групирањата во паузите за ужина и на одморите меѓу часови за да се поништи ефектот на маските. Чуму ни се, тогаш? Затоа, да ги пуштиме децата слободно да дишат! Ништо нема да им биде ако се сретнат со омикрон. Но, има и деца со хронични здравствени проблеми. За нив најдобро би било да се префрлат сосема на настава на далечина (онлајн)“, изјави епидемиологот Драган Даниловски.

И микробиологот и професор д-р Никола Пановски рече дека децата на училиште треба да тргнат без маски. На сличен став и доктор Нико Беќаровски. Тој смета дека нема потреба од онлајн настава во второто полугодие. „За децата омикрон е обична вироза, какви што има секоја зима! Местото на децата е во училишните клупи“, рече Беќаровски.

Претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ДиЏовани, исто така нагласи дека одложувањето на наставата треба да биде привремено зашто во најдобар интерес на децата е да бидат во училниците.