ФЕЈСБУК ПЕТИЦИЈА: Со докуп на државно земјиште да се дооформува парцела кога се поседува 80 проценти од неа

191

Под итно, во скратена постапка, Собранието да го смени членот од Законот за градежно земјиште со кој се овозможува дооформување градежна парцела со поседување на 30 проценти од неа, бара граѓанската иницијатива ЕкоКарпош 3, 2, 1, преку петиција на Фејсбук.

Со петицијата која досега ја потпишале близу 10.000 лица, се бара нов член во Законот со кој би можеле да докупат градежно земјиште од државата за да ја дооформат парцелата само оние кои веќе поседуваат 80 проценти од неа.

-Потпишете ја и споделете ја петицијата која е повик до Владата и Парламентот да го сменат членот 15 од Законот за градежно земјиште од 2015 година! Потпишете ја петицијата со цело име и презиме, ќе биде официјално доставена до Владата и Парламентот! Ајде да собереме 10.000 потписи и да ги смениме нештата!, повикува ЕкоКарпош 3, 2, 1

Се појаснува дека во Законот излезен во „Службен весник“ број 15 од 2 февруари 2015 година, чија прва верзија е донесена во 2008 година, во членот 15 е наведено дека доколку лицето има во сопственост повеќе од 30 отсто од градежна парцела предвидена со урбанистички план или урбанистичка планска документација, за да ја оформи, останатиот дел може да го купи од државата во непосредна спогодба. Како лоша последица од овој член иницијаторите на фејсбук-петицијата го наведуваат примерот со парцелата спроти хотелот Холидеј Ин каде треба да се градат висококатници.

-Сведоци сме дека во време на мораториум во општина Центар се случи токму ова, окрупнување на градежната парцела спроти хотел Холидеј Ин за изградба на висококатници без притоа воопшто да се почитува законот за урбано зеленило и без да се внимава на условите за хумано живеење. Во последниве години ова се случуваше постојано и никнаа многу големи објекти со што се нарушени условите на хумано живеење во многу населби и е загрозено основното човечко право на здрав живот утврдено со Устав, пишува во повикот за потпишување на петицијата.