Четирикратниот шампион Себастијан Фетел ја вози последната сезона во тимот на Ферари, но се очекува наскоро да потпише за друг тим Формула 1. Како што пишуваат реномираните германски медиуми „РТЛ“ и „Билд“, Фетел веќе има договор со Рејсинг Поинт и следната сезона ќе биде еден од возачите на овој тим. Фетел ќе го заземе местото на Серхио Перез, Мексиканецот кој и покрај солидните резултати ќе извиси поради желбата на сопственикот на Рејсинг Поинт да има поранешен светски шампион во својот тим.

Јасно е дека Лоренс Строл нема да го отпушти својот син Ленс, па втората варијанта е да биде раскинат договорот со Мексиканецот.

Медиумите од неговата земја пренесуваат дека Рејсинг Поинт веќе преговара за искористување на клаузулата за завршување на соработката пред истекот на договорот, додека истовремено менаџерот на Перез ќе му бара место во редовите на Хас или Алфа Ромео каде може да има промени по крајот на сезоната.