Четирикратниот шампион во Формула 1, Германецот Себастијан Фетел, судејќи по се, ниту оваа година нема да биде шампион со тимот на Ферари, а најголеми виновници за тоа се Мерцедес и Луис Хамилтон.

Фетел не е брилијантен оваа сезона, а последната во низата грешки ја имаше на патеката „Силверстоун“, кога на трката за Големата награда на Велика Британија удри во задниот дел од болидот на Макс Верстапен.

Еден од главните луѓе во редовите на Ред Бул, Хелмут Марко, му порача на Германецот да го напушти тимот од Макринело.

  • На Себастијан му треба друго опкружување, односно друг тим. Но, не гледам како тоа ќе се реализира за наредната сезона. Кога не сте сигурни во себе правите грешки, каков што е случајот со Фетел, изјави Марко.

По оваа изјава на Марко пилотот на Ферари сè почесто во медиумите се споменуваше со трансфер во редовите на Ред Бул, но таквите шпекулации експресно беа отфрлени од шефот на „биковите“, Кристијан Хорнер.

  • Немавме разговори за неговото враќање во Ред Бул. Среќни сме со тоа што Макс го прави на патеката, изјави Хорнер, кој најави дека ќе нема промени околу возачкиот кадар за наредната натпреварувачка сезона.