Фестивал за студентски филм и театар: „Скомрахи 2019“ од 1 до 5 ноември

126

Со идеја да ја поместат инерцијата во општото сивило на градот oд 1 до 5 ноември на Факултетот за драмски уметности во Скопјe ќе се одржат интернационалните студентски средби „Скомрахи 2019“ или фестивалот за студентски филм, театар и културен контраст на секојдневието. Притоа пред публиката ќе се претстават студентите од aкадемиите и факултетите за драмски уметности од регионот.

„Оваа година се осврнуваме на врската помеѓу објективната и драмската реалност со цел да ви докажеме дека уметноста може да ја измести реалноста на подобро. Инспирирани од Рубиковата коцка која најчесто симболизира симетрија, ред кој доаѓа од хаотичен и за секого различен пат кон стигнување на решението. Налик, нашиот процес на создавање претстава или филм. Изместувањето на реалноста ќе започне со прославата за 50-от јубилеј на ФДУ, а во тоа ќе ви помогнат студентите од сите претходни генерации кои биле дел од овој факултет“, велат организаторите на „Скомрахи 2019“.

Свеченото отворање на средбите е со перформансот „Живот за еден сон“ на ФДУ (1 ноември) во МНТ, а в сабота ќе се промовира книгата за неодамна починатиот професор и режисер Златко Славенски – „ТВ БОКС Теоретски прилози и филмско сценарио“, а настап ќе имаат студенти од Академија за театар, филм и телевизија Љубљана со „Оган“. На 3 ноември, пак, е театарска претстава “Синиот ѕвер отаде“ на студенти од aкадемијата од Софија и „Еј Кармела“ на Факултетот за драмски уметности-Белград, додека идниот ден ќе настапат студентите од Сараево со „Сеќавањето на водата“. Средбите завршуваат со настап на Факултетот за уметности Звечан со театарската претстава „Животот мој“.