Најтрофејниот тим во Формула 1, екипата на Ферари, чека повеќе од една деценија да дојде до нова титула во најбрзиот циркус на денешницата. Тимот од Марaнело нема да се израдува на наслов ниту оваа сезона, бидејќи нивниот заостаток зад Мерцедес на девет трки до крајот изнесува точно 150 бода, кога е во прашање генералниот пласман кај конструкторите.

Меѓутоа, борба сепак го чека и за вицешампионското место. Имено, Ред Бул на крилата на Макс Верстапен опасно им се заканува од позадина, а само благодарејќи на очајните настапи на Пјер Гасли, е во предност од 44 бода, но тоа може да се промени за неколку трки.

Токму поради тоа, Ферари ќе мора да ги искористи двете големи шанси кои се пред нив. Со моќниот мотор кој го имаат на располагање треба да им донесе предност на трките за Големата награда на Белгија и Италија.

-Тоа се патеки на кои треба да бидеме успешни, но ништо не е загарантирано. Мислам дека нашиот конкурент е доста силен и ќе се обиде да извлече максимум од себе, најави Фетел.

Вистина е дека тимот на Ред Бул знаеше да биде одличен на патеката „СПА“ дури и кога Ферари беше најавен како апсолутен фаворит. Тимот од Маринело оваа сезона разочара и онаму каде што се најдобри, така што ниту овие две најавени трки не се сигурни до бодовите кои можеби ќе им го донесат посакуваното второ место на крајот од сезоната.

Доколку на следните две трки „биковите“ навистина му земат мерка на италијанскиот тим, тогаш ќе има неизвесна борба за второто место меѓу конструкторите. Од друга страна за Ферари би била голема шлаканица ако ја загуби битката, со оглед на тоа што многумина ги гледаат како изразити фаворити по зимските тестирања за освојување на титулата.