Швајцарскиот тенисер Роже Федерер е најплатениот активен спортист во изминатите 12 месеци, објави американскиот магазин „Форбс“.

Во последните 12 месеци најтрофејниот тенисер на денешницата заработи 106,3 милиони долари, од кои 100 милиони од спонзори, меѓу кои се истакниваат „Barilla“, „Moet & Chandon“, „Rimowa“, „Rolex“, „Credit Suisse“ и „Mercedes – Benz“.

Федерер е првиот тенисер кој стана најплатен спортист на светот во годишниот извештај на „Форбс“, кој се објавува во 30 година. На второ место е португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо (105 милиони долари/45 милиони од спонзори).

Третото место му припадна на аргентинскиот фудбалер Лионел Меси (104 милиони /32 милиони од спонзори), потоа следи уште еден фудбалер, Бразилецот Неимар (95,5 милиони/ 25 милиони од спонзори), а на петто место е ѕвездата на тимот Лос Анџелес Лејкерс во НБА-лига, Леброн Џејмс (88,2 милиони долари/60 милиони од спонзори). Светскиот тениски рекет број еден Србинот Новак Ѓоковиќ е на 23. место со 44,6 милиони долари (32 милиони од спонзори).

Најдобро платена тенисерка е Јапонката Наоми Осака со 37,4 милиони долари, пред Американката Серена Вилијамс со 36 милиони долари.

Меѓу стоте најплатени спортисти во светот има најмногу кошаркари, дури 35. Потоа следат играчите на американскиот фудбал (НФЛ), кои ги има 31 на листата, а зад нив се и 14. фудбалери.