Федерер е убедливо најдобар тенисер, Ѓоковиќ и Надал се досадни

94

Поранешниот светски тениски рекет број еден Русинот Марат Сафин, никогаш немал проблем да го каже своето мислење за моменталната состојба во тенисот и уште еднаш изнесе низа пофални зборови за Швајцарецот Роже Федерер и критики за останатите тенисери.

  • Најдобрите играчи како Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал, Стен Вавринка и многу други играат сличен тенис. Едноставно, понекогаш не знаеш кој е на теренот, бидејќи се исти. Досадни се и тоа според мене воопшто не е добро за развојот на спортот. Само Роже Федерер игра поинаку. Тој има разноврсна игра и секогаш е непредвидлив. Игра со својата глава. Другите можеби мислат дека се добри како него, но на крајот, тој нема рамен противник. Убедливо најдобриот тенисер во историјата, изјави Марат Сафин.

Русинот беше еден од најголемите таленти на белиот спорт, но се повлече на 29-годишна возраст со два освоени грен слеми. Тој триумфираше на САД Опен во 2000 година и на Австралија Опен во 2005 година. На Ролан Гарос и Вимблдон успеа да стигне до полуфиналето.

Следен предизвик за најдобрите тенисери, пак е мастерс турнирот во Мајами, каде Новак Ѓоковиќ, доби незгодна ждрепка. Тој е слободен во првото коло, а во второто ќе игра со подобриот од натпреварот меѓу Бердих и Томиќ. Во евентуалното трето коло, ако се оди по планот, противник треба да му биде Џон Милман од Австралија, а во осминафиналето можно е да чека Фабио Фоњини или Роберто Баутиста Агут.

Четвртфиналната фаза се очекува да биде против еден од серверите Милош Раониќ или Џон Иснер, а според ждрепката во полуфиналето можен е дуел со шампионот од Индијан Велс, Доминик Тием, како и Кеи Нишикори.

Федерер, пак, се најде на спротивната страна, па така Ѓоковиќ со него може само во финалето. Единстен сериозен ривал на страната на Швајцарецот е Александар Зверев.

Турнирот во Мајами ќе се игра од 20 до 31 март. Наградниот фонд изнесува 7.97 милиони долари.