Многумина ја гледаа словенечката кошаркарска репрезентација барем во финалето на Евробаскетот, но континенталниот шампион од 2017 година претрпе неочекувана елиминација во четвртфиналето. На патот им застана селекцијата на Полска, која знаеше да ја казни лошата партија на Лука Дончиќ, за на крај плејмејкерот да ја преземе одговорноста за поразот.

Речиси една недела подоцна, босанските медиуми пласираа шокантна информација, односно ја открија „вистинска причина“ зошто Словенија имаше бледо издание на тој натпревар. Според тамошните медиуми, пред натпреварот со Полска, словенечките кошаркари излегле и се опијаниле, што е многу сериозно обвинување на сметка на репрезентативците, а информацијата експресно стигна и до Кошаркарската федерација на Словенија.

Федерацијата веднаш застана зад тренерот Александар Секулиќ и експресно се огласи во врска со инсинуациите дека Лука Дончиќ и соиграчите се пијанчеле, па нема потреба самите кошаркари да се правдаат преку личните профили на социјалните мрежи.

  • Ние во Кошаркарскиот сојуз на Словенија не се занимаваме со вакви невистинити и злонамерни обвинувања и не ги ни коментираме, истакнаа од Федерацијата за „Журнал24“, ставајќи крај на овие приказни.

Инаку, Словенија имаше три слободни дена до дуелот против Полска, па затоа на спортската јавност ѝ беше чудно што Лука Дончиќ изгледаше уморно на теренот. Но, подоцна беше откриено дека НБА-ѕвездата се соочувала со големи болки во зглобовите, поради што морал да прими инјекција.