Фатмир Дехари е старо-новиот градоначалник на општина Кичево

237

По денешниот втор изборен круг, кандидатот на ДУИ Фатмир Дехари е победник на локалните избори и по трет пат последователно стана градоначалник на општина Кичево, иако по првиот изборен круг освои 250 гласа помалку од својот протикандидат Александар Јованоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Така по 109 обработени избирачки места, Дехари освои 11.827 гласа, додека Јованоски освои 9.212 гласа и се стекна со голема предност над својот противкандидат од 2.615 гласа.

Откако проструи веста дека Дехари повторно е градоначалник на општина Кичево, членови на партијата и симпатизери излегоа на улиците со своите автомобили и со продорна свирка од сирените ја прославија победата, а имаше и огномети на повеќе локации во градот.

Дехари е повторно на потег да ги реализира бројните проекти кои ги најави во предизборието, ако повторно биде избран за градоначалник, од нов градски плоштад, градска капела, решавање на проблемот со кучињата скитници и многу други.