Амнести Интернешлнл во последниот свој извештај алармира дека фармацевтските компании кои произведуваат вакцини против Ковид-19 придонесуваат за “хуманитарна криза без преседан“, јави дописничката на МИА од Брисел.

Шесте главни компании кои произведуваат вакцина против Ковид-19, АстраЗенека, Џонсон и Џонсон, Фајзер, БиоНТек, Модерна, и Новавакс одбиле да се приклучат кон иницијативи за поголема набавка, предупредува Амнести и нагласува дека во земјите со низок приход помалку од еден отсто од населението е вакцинирано, додека оваа бројка надминува 55 отсто во богатите земји.

Амнести исто така потсетува дека Модерна Фајзер и БиоНТек ќе заработат 130 милијарди долари до крајот на 2022 година.

Извештајот на Амнести насловен “Дупла доза нееднаквост: Фарма компаниите и кризата на Ковид-19 вакцините“ одблиску ја анализира работата на шесте водечки компании на пазарот од кои зависи животот на милијардите жители на планетата.

Заклучоците на организација се загрижувачки.

-Вакцинирањето на светот е нашиот единствен излез од оваа криза. Ова би требало да е време кога ги славиме овие компании кои толку брзо ја развија вакцината. Наместо тоа, за нивен срам и наша колективна тага, големите фармацевтски компании го блокираат трансферот на знаење и нивното управување во полза на богатите држави предизвика предвидлив и трагичен недостаток на вакцини за многу други, изјави Агнес Каламар, генералната секретарка на Амнести Интернешнл.

Најкатастрофална е состојбата во делови на Јужна Америка , Африка и Азија, каде премалиот пристап до вакцини и слабите здравствени системи доведуваат до илјадници смртни случаи неделно. Дури ни здравствените работници не се покриени со вакцината, алармира организацијата за човекови права.

Ова, вели Амнести, треба да се спореди со финансиските добивки на овие компании од 130 милијарди долари.

-Профитот никогаш не смее да биде пред животите, порачува Амнести.

За организација е јасно дека сите шест компании во начинот на кои управуваат и се организираат од почетокот на криза директно придонесува за глобална хуманитарна катастрофа, бидејќи фирмите одбиваат да ги ослободат вакцините од интелектуална сопственост и да го споделат знаењето и технологијата со сиромашните земји.

-На различни нивоа извештајот увиде дека сите шест компании не ги исполнија своите обврски во однос на човековите права, смета извештајот.

За илустрација, Фајзер доставил девет пати повеќе дози во Шведска отколку во сите сиромашни земји заедно. Земјите со низок приход добиле помалку од еден отсто од производството на Фајзер.

Потребата да се покријат сиромашните земји со вакцина е исто така директно поврзано со спречувањето на појава на нови соеви на вирусот, објаснува Амнести. Организацијата смета дека ова е глобална криза на јавното здравје.

Извештајот информира дека и покрај повиците да се даде приоритет на Ковакс, компаниите продолжиле да прават залихи за богатите земји и сите одбиле да се придружат кон иницијативите за зголемување на пристапот до вакцината, споделување на технологијата и суспендирање на патентите