Фановите од Македонија длабоко разочарани – откажани се новогодишните концерти на Здравко, Цеца и Дино Мерлин!

2590

Многубројната публика од Македонија не може да дојде при себе од тоа што ни за оваа Нова година, а подготвувајќи се да замине во Котор, нема да ужива пред сè во песните на својот музички миленик Здравко Чолиќ. Сепак, короната е посилна, па здравствените власти на Црна Гора донесоа вчера дефинитивна одлука да се забранат секакви забави и концерти и на отворено, а на кои се собираат над 200-ина луѓе!

– За жал, ништо од новогодишниот концерт на Здравко Чолиќ во Котор на црногорското приморје. Тоа е нашата дефинитивна одлука, вака изјавува, се разбира, со големо разочарување и менаџерот на популарниот пејач, Драган Ѓука.                     А, разочарана е и многубројната публика од Македонија која се подготвуваше да замине во Котор да ужива во живо со својот музички миленик во неговите евергрин хитови: Станица Подлугови, Једна зима са Кристином, Главо луда, Живиш у облацима мала, Гори ватра, Мало појачај радио, Шљиве су родиле, Звао сам је Емили, Продужи даље…

Сепак, короната е посилна, па здравствените власти на Црна Гора донесоа одлука да се забранат секакви забави и концерти на отворено, а на кои ќе се соберат повеќе од 200-ина луѓе. На концертите на Здравко секогаш се собираат и многу, многу повеќе, и тоа најмалку по 15 илјади луѓе, со што не постои никаква можност концертот да се одржи сега за Нова година. И не е само Здравко оштетен по прашање на мрсен новогодишен хонорар (од 80 илјади евра), туку и останатите балкански пејачки ѕвезди се “во була“.                                                                                                                И Дино Мерлин исто така го откажува настапот во Црна Гора.

– За жал, не можеме ништо да смениме. Дино нема да пее во Бар, короната е посилна, здравјето е пред сè најважното нешто, соопштуваат од ПР-службата на Мерлин.
Исто така својот концерт на црногорското приморје, поточно во Тиват, го откажа и најголемата естрадна ѕвезда, Цеца Ражнатовиќ.

–Имав толку голема желба да настапам во убавиот град Тиват, особено и затоа што минатата Нова година останав дома, а по сè изгледа и за оваа Нова година ќе биде иста приказна. Жално е што му се случува на светот, кој сè уште не ја доби битката со короната, кусо со тага во гласот порача Цеца, која ќе остане покуса за околу 80 илјади евра колку што требаше да заработи од новогодишниот концерт.

Поради овие најнови построги мерки во борбата против коронавирусот плоштадите во Црна Гора ќе останат празни. Овие мерки ги објави министерката за здравство на Црна Гора, Јелена Боровиниќ-Боровиќ и самата жалејќи за концертите на омилените пејачи кои тие ги откажаа, сè со цел народот да не се групира и собира на едно место со што лесно се пренесува опасниот вирус. (Д.М.)