Фанка и Јонче од Завоводот Бања Банско добија топол дом во Струмица

109

Уште седум лица од Заводот за заштита и рехабилитација Бања Банско добиваат топол дом. Министерството за труд и социјална политика обезбеди 4 станбени единици во Струмица кои се целосно прилагодени за нивните потребите. Се работи за корисници кои изразија желба да ја напуштат установата и после 20-30 години сместени во неа ќе продолжат да живеат самостојно.

 -Им честитам на жителите на новите станови за нивната желба, упорност и храброст што ја донесоа оваа одлука и да продолжат да живеат самостојно, а ние сме тука да ги поддржиме во нивните намери. Посебно се радувам што процесот на деинституционализација со кој изминатиот период беа опфатени само децата згрижени во институции, сега се спроведува и за повозрасните лица. Сакам да се заблагодарам и на УН агенциите кои максимално се вложија ова денеска да стане реалност, како и до вработените и раководството на Заводот за рехабилитација, кои од самиот почеток се вклучени во овој процес – истакна Царовска.

Првите корисници кои излегоа од Заводот „Бања Банско“ се Фанка и Јонче, кои сега живеат самостојно, имаат личен асистент и ги добиваат сите потребни услуги. Во моментот се подготвува преселба на дополнителни 4 корисници од „Бања Банско“, за кои веќе е потпишан преддоговор за адаптација на куќа согласно со потребите на корисниците.

Становите се адаптирани согласно индивидуалните потреби на корисниците и опремени со потребната опрема и мебел, која целосно е избрана од самите корисници. Како поддршка на независното живење обезбедена е услугата лична асистенција, а ќе биде дополнително ангажиран и негователски кадар.

– Потребни се многу напори и посветеност за да се осигура дека лицата со попреченост може да ги реализираат своите права да живеат независно и да бидат вклучени во заедницата. Затоа, сакам да ги уверам Владата и заедницата дека целото ОН семејство е достапно и одлучно да ја обезбеди сета неопходна поддршка за во овој процес никој да не заостане – рече Росана Дуџак, Резидентен координатор на Обединетите Нации (ОН).

Градоначалникот на општина Струмица Коста Јаневски рече дека Струмица е сведок на процесот на деинституционализација на овие институции и според него овој концепт дава една голема можност за корисниците да ја покажат својата индивидуалност, креативност, можност да делуваат на општеството.

 -Ние како општина ја поддржуваме оваа активност, бидејќи мислам дека тоа е еден напреден и визионерски концепт кој верувам дека целосно ќе успее. На овие први, храбри пионери кои што еве ќе ги почувствуваат благодетите на овој проект, им посакувам многу здравје и успех, да го искажат сопствениот потенцијал за да видиме што тие можат кон општеството, а не што не можат. Општина Струмица им стои на располагање, можат да сметаат на нашата поддршка како досега така и понатаму, за да може овој процес да успее максималн – изјави Јаневски.