Фаворити за победата имаат „кец на 10“: Констракта во ексјугословенски „боросани“- Еуфорично пред Големото евровизиско финале во Италија

2045

За победата се бори и групата „Калуш-оркестра“ со песната „Стефанија“ од премногу фаворизираната Украина, а од многу добри причини, колку политички толку и оние воени. Наводно, иако никој јавно тоа не го потврдил, наредната Евровизија би требала да се одржи во „ослободениот“ Киев!

(Дуле МИЌИЌ)/фото:Јутјуб,ФБ,Инстаграм

Конечно можеме да здивнеме, по неколкудневното потење и неизвесност, дали Македонија ќе биде во Големото финале на Песна на Евровизија 2022? Не!!! Иако нашата Андреа Коевска, според голем број музички критичари, домашни и странски, одлично ја испеа песната, но не ја освои публиката. Со тоа ниту гласовите. Според критичарите доволно е тоа што со пеењето и однесувањето на сцената Андреа не разочара, а за лошиот пласман уште долго, тука дома, ќе се води вербална војна за дилемата дали Македонија после ова треба дефинитивно да се откаже од понатамошните евровизиски натпреварувања?
Толку околу нашето овогодишно учество на Евровизија, кое да не беше скандалот околу фрлањето на македонското знаменце, брзо ќе се заборавеше. Вака…. ќе вергламе, уште некое време, па ќе се префрлиме на некој следен скандал. Во тоа станавме професионалци!

Што се однесува пак, до професионалците, нема сомнеж дека Италијанците и повеќе од професионално го организирале изборот во Торино, но и самата РАИ, ТВ-преносот. Тука мислиме и на водителите Лаура, Мика и Алесандро. Сосема спонтани, природни и духовити, а и убаво облечени. Тоа особено важи за шармантната Лаура Паузини, која е популарна италијанска пејачка, а која со своите модни фустани многумина ги стави во дилемата, колку ли само чинат? Кога сме веќе кај евровизиската мода, српската претставничка Констракта и во тој поглед остави силен впечаток.

Таа на втората полуфинална вечер, а така ќе биде и во Големото финале – повторно ќе настапи во обувките „боросани“, кои во поранешната Југославија беа апсолутен хит кај жените од пролетерско-работничка класа, а кои сега во Торино на Евровизија предизвикуваат силно воодушевување кај италијанските кралеви на модата.             Да се чудиш! Ама, ете треба да ти текне, а пејачката Ана Ѓуриќ-Констракта е полна со оригинални идеи. Самата вели, ако победи, со тие прекрасни комунистички „боросани“ ќе ја види целиот свет!

Што се однесува до самите песни и пејачи, ситуацијата е сосема поинаква. За победата се бори и премногу фаворизираната Украина, од многу добри причини, колку политички толку и оние воени. Наводно, иако никој јавно тоа не го потврдил, наредната Евровизија би требала да се одржи во „ослободениот“ Киев. Зад Украина е Србија која со својата песна ја разгорува и онака вжештената ситуација. Некои кои се исплашени од победата на Констракта се обидоа да ја саботираат, па на Јутјуб каналот ставија сосема погрешен англиски превод на песната„In corpore sano“.                       Во меѓувреме, опцијата за таков несмасен гугл-превод е оневозможена, па Констракта ќе може опуштено и не стресно да пее. Третиот голем фаворит се секако домаќините Италијанците, инаку победници на овогодишниот фестивал „Сан Ремо“. За нив нема што многу да се кажува, освен дека оставаат одличен впечаток и со песната и со однесувањето на сцената без разлика на некои критики дека Бланко е прилично женствен додека пее.

Премногу чудно е учеството на географски далечната Австралија, која високо котира за можната победа. На многумина не им јасно што бара таа земја на европското натпреварување? А, еве како тоа започна? Уште во 1979 година, СБС – главната австралиска радио и телевизиска мрежа, влезе во Европската-радиодифузна унија како придружна членка. Од тогаш до оваа „Евровизија 2022“, се правеа сè позначајни чекори во меѓусебна соработка. Посериозен чекор се направи во 1983 година кога во Австралија беше емитуван првиот евровизиски натпревар и тоа со огромен успех. Веќе од 2000 година, австралиската публика учествуваше во гласањето, а од 2012 година таа земјата имаше и своја песна за официјален натпревар. Замислете, ако победи оваа година? Дали тогаш за наредниот избор би патувале до Мелбурн, Перт или Сиднеј? Не е невозможно да не победи, бидејќи во 2016 година Австралија го освои второто место со Дами Им.

И тука некаде завршува кусата приказна за евентуалните победници, кон кои зад петиците им се (според обложувалниците) и претставниците на: Швајцарија, Шпанија, Грција, Франција и Молдавија… И, навистина, кажано со спортскиот речник – нека победи најдобриот, според вкусот на Европејците секако со помош на нивните СМС-гласови.