УЈП со контроли на транспортните фирми за потрошувачка на гориво за деловни цели

91

Асоцијацијата „Макам-транс“ во согласност со информации од голем број превозници, во врска со контроли кои ги врши УЈП кај превозните трговски друштва, од аспект на пресметка на данок на додадена вредност, а се однесува на потрошувачка на погонско гориво, достави реакција до Управа за јавни приходи.

Во реакцијата се вели дека во периодот 2014-2015 година во заемни разговори со претставници на Министерство за транспорт и врски и од УЈП. Со одржани презентации и утврдување на факти преку директни комуникации и размена на мислења се постигна договор.

– Министерството за транспорт и врски ја измени содржината на патниот налог кој е објавен во „Службен весник“ број 40/15 (13. 3. 2015 г), како основ за евидентирање на поминати километри по циклус на извршен превоз, условена залиха во резервоарот на возилото, но и евиденција на работно време на возачите. Тој образец ги дава можностите да се следи потрошувачка на гориво во литри на 100 километри. УЈП прифати да пресметува потрошувачка на гориво во литри на 100 километри. Додека утврдувањето на процентот на учество на трошокот на гориво искажан во пари во однос на вкупниот приход на превозното трговско друштво (калкулација на цена на превоз) се прифати како опција за случаи кога не постојат патни налози кои се задолжителни и нема соодветна евиденција за поминати километри со возилата во однос на набавеното гориво – се наведува во реакцијата.

Оттаму велат дека во услови на постојана промена на цената на горивата, кои се различни и по држави кога се врши превоз меѓународен превоз, особено ги покажува аномалиите и неправилниот пристап во однос на пресметка на потрошувачка на гориво.

– На тој начин директно се врши дискриминација на овој дел од гранката транспорт на кој им се оданочува директен трошок, исто како што е случај со дневниците што се исплатуваат на професионалните возачи во меѓународниот превоз. Во услови на економско-финансиска криза и инфлација, кога цените особено на енергенсите растат неконтролирано, намалениот обем на производство, не овозможува пазарна економија која би требало да ги следи растот на цените за превоз, еднакво со растот на цените на горивата – потенцираат од Макам-транс.

Теоретски е докажано дека пазарната економија најмалку има свои влијанија во однос на регулирање на транспортниот пазар воопшто.

(С.Бл.)