УЈП: Девет дуќани на пластичарска улица не издавале фискални, а еден немал фискална каса

449

Управата за јавни приходи вчера вршеше контроли на фискални апарати кај 42 даночни обврзници на таканаречената пластичарска улица во Скопје, како и во општината Чаир. Неправилности согласно законот за регистрирање на готовинските плаќања се констатирани кај 12 даночни обврзници, информира директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.

Таа појасни дека кај девет даночни обврзници е констатирано дека не издаваат фискални сметки за извршен готовински промет, кај  еден констатирано е дека не поседува фискален систем на опрема, а кај двајца даночни обврзници констатирано е дека не водат книга за дневни финансиски извештаи.

-При контролите кај еден даночен обврзник одземена е интерната тетратка за дополнителна проверка преку ГПРС при што подоцна се констатира дека во периодот од 08.07.2019 до 20.08.2019 година даночниот обврзник имал промет од 400,870,00 денари а преку ГПРС има евидентирано само 33,800,00 денари, што значи вкупно 407,000,00 денари нерегистриран промет. За констатираните неправилности изготвени се записници и се спроведува постапка на порамнување согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања, рече Лукаревска.

Таа информира дека на даночниот обврзник кој нема воведено во употреба фискален систем на опрема дополнително издадено е и решение со кое му се забранува вршење на дејност во деловната просторија во траење од 30 дена.

Освен ова, со извршените контроли во два објекта констатирано е дека физичкото лице врши дејност – трговија без регистрирана фирма, односно како нерегистриран даночен обврзник и преземени се мерки согласно Законот за даночна постапка.

Лукаревска кажа и дека инспекторите биле оневозможен и да вршат контрола кај некои субјекти бидејќи ги заклучиле објектите откако ги виделе возилата на УЈП.

Контроли се спроведени и во Дебар, Кичево, Охрид, Струга, Тетово, Гостивар, Струмица, Куманово, Крива Паланка, Дојран, Гевгелија, Прилеп и во повеќе скопски општини.

Предмет на контрола беа и познатите фестивали кои изминатиот период беа организирани во повеќе градови, како што се фестивалите одржани во Охрид, Пиво фест во Прилеп, Д Фестивал во Дојран, Струга Фест во Струга, Струмица Опен Фестивал и други.

Директорката истакна и дека со воведувањето на мерката поврат на 15 отсто од пресметаниот ДДВ, бројот на пријави за неправилности со издавање односно неиздавање на фискални сметки од страна на граѓани на линијата 198 е за 100 отсто поголем.

Вкупно од 1 јули 2019 до 20 август 2019 има 310 пријави за неиздадени фискални сметки, а во истиот период минатата година имаше само 112. Процентуално гледано тоа претставува речиси три пати повеќе пријави од минатата година.
Најголем дел од пријавите се однесуваат за Скопје повеќето за општина Чаир и за туристичките места Охрид и Струга, каде УЈП спроведе контроли.

Заклучно до вчера бројот на скенирани фискални сметки изнесува 12,371,552, од кои остварен е промет од 6,360,382,050 денари, вкупниот ДДВ изнесува 690,603,831 денари, а повратот од 15 отсто за граѓаните е во износ од 103,590,575 денари.

-Со задоволство може да констатираме дека мерката МојДДВ ги дава очекуваните резултати за кои е наменета – да враќа пари кај граѓаните и да ја намалува сивата економија, за што показател се и зголемените пријави од граѓаните кои се корисници на апликацијата МојДДВ. Како што најавивме веб апликацијата МојДДВ на која граѓаните ќе имаат детален увид за се што скенирале изминатиот период, како и колку поврат може да остварат е веќе изработена и тестирана и истата ќе биде пуштена во употреба, на оваа Веб Апликација граѓаните ќе може и да ги повлечат односно да ги поништат погрешно скенираните сметки. Ние како Управа за јавни приходи, институцијата којашто ја реализира оваа мерка, ќе продолжиме со контролите кај даночни обврзници за кои имаме пријави и од граѓаните со цел на секој еден корисник на МојДДВ да му овозможиме да оствари поврат, рече Лукаревска.

Таа апелира до дел од поголемите супермаркети за коишто граѓаните се жалат дека не можат да ги скенираат фискалните сметки поради бледи баркодови, уште денес да ги сервисираат фискалните апарати, на што се обврзани и со закон.