Уште 30 дена притвор за Габриел Бајрам, судот се сомнева на реална опасност од бегство

31

Кривичен суд му го продолжи притворот за уште 30 дена на Габриел Бајрам, советник во Град Скопје и син на починатиот пратеник Амди Бајрам за инцидентот во „Аквадукт“, иако осомничениот се жалеше на осумдневниот притвор.

Инцидентот се случил на 28 јули околу 23.20 часот кога Габриел со син му Валентин го истепале шанкерот, а потоа оштетиле дел од инвентарот, соопшти МВР.

Судот одлучи дека осомничениот за насилство треба да остане уште 30 дена во затворот „Скопје“ кој се наоѓа во Шуто Оризари. Судијата смета дека постои реална опасност Бајрам да се даде во бегство, а според сознанијата, особена грижа се водела и за тоа дека тој има условни казни кои сега може да значат и затвор доколку се потврди дека сторил насилство. Бајрам, не еднаш, туку повеќе пати е осудуван за ваков вид кривични дела. Дополнителна причина за продолжување на притворот и покрај жалбата е фактот што судот се сомнева дека Бајрам може да го повтори делото.

„Оштетениот одбил на еден од присутните гости на прославата да му даде чинии за кршење. Во тој момент, осомничениот се упатил кон шанкот и со рака замавнал кон шишињата и чашите, фрлајќи ги кон лицето на оштетениот. Оштетениот успеал да се заштити со рацете, по што осомничениот започнал да го удира со боксови во пределот на главата. Кон ударите се придружил и неговиот син, а за цело време двајцата осомничени упатувале пцовки и закани кон нападнатото лице. Оштетениот се здобил со телесни повреди по главата и телото, додека насилството предизвикало чувство на несигурност, загрозување и страв кај други присутни сведоци на настанот”, посочи Обвинителството.