Уште шест пингвини од Русија пристигнаа во Скопската зоолошка

28

Во Скопската зоолошка градина во неделата пристигнаа уште шест пингвини од Москва, Русија.

Како што истакна Тина Мицковска, портпарол во Скопската зоолошка градина, се работи за три мажјаци и три женки од видот хамболт.

Таа најави дека тие имаат и свои имиња, но истакна дека повеќе информации за нивните имиња, возраст и карактеристики специфични за секој пингвин ќе бидат објавени утре.

Но, на една од фотографиите при нивното пристигнување во Зоолошката може да се забележи дека на една од кутиите каде што се пишува Руни, Руна и Џинсиа, што можеби се и дел од нивните имиња.

Тие засега се во карантин каде ќе останат две недели, а потоа ќе бидат пуштени во надворешното живеалиште, каде ги чекаат нивните другари Скипер, Прајвет и Ковалски кои се на седумгодишна возраст и претходно, во декември, минатата година дојдоа од Италија, а своите имиња ги добија според ликовите од цртаниот филм „Пингвините од Мадагаскар“.

-Во време на пандемија, кога транспортот е сложен, а летовите редуцирани, со големи напори успеавме да ги донесеме овие шест нови жители на Скопје ЗОО кои ќе им се приклучат на Скипер, Прајвет и Ковалски. Пингвините се добро и супер се адаптираат. По пристигнувањето на скопскиот аеродром, веднаш се препуштија на уживање во внатрешниот базен, а по краткиот карантин, ќе го отвориме и надворешното живеалиште – објаснија од Зоолошката градина.  

Пингвините ќе живеат во современо живеалиште направено по светски стандарди, со голем надворешен базен и внатрешен топол дел со затворен базен.

(А.П.)