Атрактивните концерти на Сашо Поповски трио и Белмондо квинтетот, како и онлајн стриминг на концертот на дуетот Крис Дејвис и Ингрид Лауброк, беа одлична завршница на годинешново 39. издание на Скопје џез фестивал. И покрај пандемијата, фестивалот успеа да го одржи нивото со квалитетните музички настапи на џез музичари од светско реноме, кои само го потврдија местото на фестивалот на светската музичка џез мапа.

Синоќа публиката во салата на Националната опера и балет имаше можност нешто повеќе од еден час да ужива во концертната промоција на најновиот албум на Сашо Поповски трио насловен „Fallen Land“ зад кој со својата репутација како издавач застана SJF Records. Поповски е македонски џез-гитарист и композитор кој во својата досегашна кариера има настапувано на повеќе џез-фестивали во Европа, а соработувал и со повеќемина реномирани џез-уметници. Неговиот актуелен трио проект ги вклучува искусниот Иван Бејков на контрабас и младиот Виктор Филиповски на тапани, секој од нив виртуоз на инструментот на кој свират.

Истата вечер публиката во салата на Националната опера и балет уживаше и во звуците создадени од познатите Белмондо квинтетот од Франција. Браќата Стефан, еден од најлиричните трубачи во светот и Лајонел, тенорот и саксофонист, заедно со пијанистот Лорен Фичелсон, контрабасистот Силваин Романо и Тони Реибисон на тапани преку својата музика ја пренесоа публиката на светските џез сцени.

Од 23 часот, пак, се одржа и третиот онлајн стриминг од концерт во Њујорк на дуетот Крис Дејвис и Ингрид Лауброк, специјално за Скопскиот џез фестивал.

Истата вечер беше доделена и традиционалната четврта по ред награда за најдобар млад македонски џез музичар или бенд „Златен орикс“ во соработка со Катар Ервејс, која годинава му припадна на Иван Петровски. Тој примајќи ја наградата посочи дека таа му е стимул за понатамошната работа. Досега ова признание го добија Андреа Мирчевска, Виктор Филиповски и Филип Димишковски.

Во рамките на Џез фестивалот издадени се и две нови цедеа, првото на групата “Next Silence” која настапи минатата година и второто на Сашо Поповски трио. (Д.Т.)

фото: Сашо Алушевски