Уште еден финансиски удар за швајцарската банка – „Credit Suisse“ мора да плати речиси 1 милијарда евра отштета на поранешниот премиер на Грузија

2023
EPA-EFE/MICHAEL BUHOLZER

Меѓународниот трговски суд во Сингапур му наложи на „Credit Suisse“ да плати отштета од 926 милиони долари на поранешниот грузиски премиер Бидзина Иванишвили, што ќе биде последниот удар за банката пред UBS да ја преземе следната недела, пишува Financial Times.
Спорот на грузискиот милијардер со „Credit Suisse“ датира од 2011 година, кога тој бил клиент и жртва на измама од приватен банкар кој користел сметки на „Credit Suisse“ за неговиот бизнис.

„Повеќе од една деценија, банкарот Патрис Лескадрон, кој работеше за „Credit Suisse“, измамуваl некои од клиентите на банката, вклучувајќи ги Иванишвили и рускиот олигарх Виталиј Малин“, пишува Financial Times.

Банката претходно нагласи дека Лескадрон, кој се самоуби во 2020 година, бил многу успешен измамник кој ги криел своите незаконски активности од колегите и претпоставените.

По неколку години од процесот, Меѓународниот трговски суд во Сингапур нареди локалната филијала на „Credit Suisse“ да плати 926 милиони долари на Грузиецот.

„Credit Suisse“ соопштија дека ќе поднесат жалба и рекоа дека пресудата е погрешна и вклучува многу важни правни прашања.

Портпаролот на поранешниот грузиски премиер по пресудата нагласи дека очекува банката да го почитува законот и пресудата.

„Очекуваме „Credit Suisse“ целосно да ја почитува пресудата и конечно да ја прифати одговорноста за своите неуспеси“, рече портпаролот.

Спорот со Иванишвили е само една од правните битки што швајцарската банка ги води во последните неколку години. Последната пресуда доаѓа само неколку недели пред финализирањето на договорот со кој банката UBS ќе го преземе управувањето со „Credit Suisse“.