Учи паметно, работи стручно и со стипендија, во дуално образование се запишале над 4.800 средношколци за три години

86

За три години концептот на дуално образование во нашата држава го прифатиле 61 училиште и се запишале над 4.800 ученици, а во првата година биле само 8 училишта. Како што посочува министерот за образование и наука Јетон Шаќири од 11 паралелки, во кои се реализираше дуално образование во учебната 2020-2021 година со вкупно 98 ученици, во оваа учебна 2022-2023 има 225 дуални паралелки со 3228 ученици.

„Вкупно во овие три години, во дуално образование се запишаа над 4.800 ученици. МОН обезбеди и дополнителна стимулација за да се зголеми интересот за овој тип на образование, со воведувањето на 1.500 стипендии за учениците кои ќе се запишат во дуални паралелки и тоа во износ од 3.300 денари на месечно ниво. Ќе споделам и дека бројот на компании кои прифатија да бидат дел од образованието на младите, гледајќи во нив потенцијална квалитетна работна сила се зголеми од 16 на 450 компании“, додаде министерот.

Промоцијата и подигнувањето на квалитетот на средното стручно образование во државава преку унапредување и проширување на концептот на учење преку работа во компании, ќе биде во фокусот на работата на МОН во следните неколку месеци, а поддршка е обезбедена од Владата на Швајцарската конфедерација. По овој повод, денеска министерот Шаќири и швајцарската амбасадорка во Скопје, Вероник Улман потпишаа меморандум за продолжување на успешната соработка воспоставена пред неколку години, а кој предвидува спроведување на конкретен план со повеќе заеднички активности до 2026 година. „Меморандумот ќе овозможи продолжување на кампањата ‘Учи паметно, работи стручно’, на која ќе и биде веќе четврта година како се имплементира во државава, проширувајќи и промовирајќи го дуалното образование како концепт кој се базира на учење преку работа во компании и дава голем придонес во подигнувањето на степенот на вработливост кај младите и скратување на времето на премин од образование кон работа“, додаде Шаќири.

За амбасадорката Улман, задоволство е да се помогне и да се создава квалитетен кадар кој недостасува во стопанството, но и напорите за развој и интегрирање на националниот образовен систем во европскиот образовен простор.

„Како дел од овој Меморандум за соработка, Швајцарија ќе одвои дополнителни 5,9 милиони швајцарски франци, со што вкупната поддршка на Швајцарија за реформите на системот за развој на стручни вештини во земјата ќе се зголеми на 12 милиони швајцарски франци“, потенцираше амбасадорката Улман.

Потпишувањето на меморандумот го означува почетокот на втората фаза од соработката помеѓу МОН и швајцарската влада.