Училиштата не секогаш ги отвораат вратите за децата со попреченост

319

Oд Националниот совет на инвалидските организации на Македонија пред извесно време интервенирале поради тоа што одредено дете со попреченост не сакале да го примат во редовна настава во основно училиште, но не сакаат да наведуваат детали, за да не создадат проблеми, надевајќи се дека ќе го решат случајот

Децата со посебни потреби секогаш не се прифаќаат со широко отворени раце, доколку нивните родители сакаат да ги запишат во редовна настава во основните училишта. Тоа го потврдуваат низ повеќе примери родители, роднини на овие деца, но и од Националниот совет на инвалидските организации на Македонија. Но, од друга страна се посочуваат и дел како позитивни примери кога ваквите деца се прифатени со широко отворени раце од нивните другарчиња ученици.

– Се работи за дете со посебни потреби кое учи во прво одделение во ОУ „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче. Одделението има проблем со него. Се случува на часот да не седи мирно, се задева со останатите деца, па се случува поради тоа и часот да не се одржи. Наставничката настојува да го анимира детето, се труди да му го посвети целото внимание, но и покрај тоа родителите на останатите деца реагираат – раскажува роднина на детето кој сакаше да остане анонимен. Според него нема соодветно стручно лице – дефектолог кое би работело со ваквите лица.

Освен тоа, од Националниот совет на инвалидските организации на Македонија пред извесно време интервенирале поради тоа што одредено дете со попреченост не сакале да го примат во редовна настава во основно училиште, но не сакаат да наведуваат детали, за да не создадат проблеми, надевајќи се дека ќе го решат случајот.

JOURNAL STAR STAFF St. Philomena School teacher Morgan Yezek answers a question from Trecker Ralph during class. Ralph, who has Down syndrome, attends school with the help of Alicia Swanson, a one-on-one aide provided by his parents. His parents have started a non-profit foundation called For Inclusive Religious Education, or FIRE, to help fund assistance to other children requiring an aide to be included in a normal classroom of a non-public school.

– Во одделението на моето дете во ОУ „Кузман Јосифовски Питу“ учеше дете со аутизам, но беше многу позитивно прифатено. Тоа доаѓаше дома кај нас и се дружеше со моето дете кое му помагаше во пишувањето на домашните работи, а и моето дете одеше дома кај него. Тоа беше многу убаво прифатено од целото одделение. Децата го сакаа, не беше агресивно и воопшто не им пречеше – вели родител.

Друг роднина раскажува за тоа како во одделението на нејзината внука која од пред три години учела во ОУ „Браќа Миладиновци“ во Аеродром, учеле две дечиња со посебни потреби.

– Немаше проблем, но со нив работеше стручно лице кое родителите  самите го плаќаа. Тие добро напредуваа и се дружеа со останатите деца надвор од училиштето – вели роднината.

Директорката на училиштето „Димитар Македонски“ во Аеродром, Јулијана Тодоровска изјави дека во нивното училиште има 13 деца со потребни потреби и дека сите се добро прифатени.

– Во принцип нема отпор кон овие деца, освен доколку тие се агресивни -потенцира Тодоровска.

Таа истакна дека со нив работи еден дефектолог и тоа по посебна програма, поточно индивидуален оперативен план, а во соработка со родителите, со наставниците и со директорот, но додаде дека еден дефектолог не доволен.

– Постојат и персонални асистенти, но тие се многу малку и не покажуваат интерес да го работат тоа и нив треба да ги платат самите родители. Од друга страна за појаснување, персоналниот асистент работи само со едно дете, додека дефектологот работи по програма со сите деца во училиштето – изјави Тодоровска.

Од Министерството за образование и наука за овој проблем истакнаа дека во согласност со постоечкиот Закон за основното образование, за учениците со посебни образовни потреби се обезбедуваат соодветни услови за стекнување на основно воспитание и образование во редовните и посебните основни училишта и имаат право и на индивидуална помош за стекнување на основното образование и воспитание.

– Родителот има право детето со посебни образовни потреби да го запише во основно училиште, освен во случаите кога посебните образовни потреби на детето се такви што тоа треба да следи настава во посебно основно училиште. За учениците со посебни образовни потреби запишани во редовните основни училишта, училиштето формира инклузивен тим составен од педагогот, односно психологот во училиштето, наставникот на ученикот, родителот, односно старателот на ученикот, дефектолог доколку има во училиштето и по потреба може да се вклучи и лекарот на ученикот – објаснуваат од министерството.

Од таму информираат дека само во 2016 година биле вработени нови 74 дефектолози во основното образование кои даваат поддршка на наставниците, како и на учениците со посебни образовни потреби и работат со останатите членови на инклузивниот тим во изготвување на индивидуалните образовни планови за секој ученик поединечно.

– Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), заедно со локалните заедници и граѓанските организации, согласно позитивните искуства од учебната 2017/2018 година и во учебната 2018/2019 година, продолжи со ангажирање на лични и образовни асистенти во рамките на Програмата „Општинско – корисна работа“. Образовните и личните асистенти ја даваат потребната индивидуална и соодветна поддршка на учениците со посебни образовни потреби во воспитно- образовниот процес, со цел стекнување на квалитетно образование за секој ученик и реализирање на неговиот целосен потенцијал. Во оваа учебна година со оваа програма се ангажирани 334 лични и образовни асистенти во 38 општини од вкупно 81 општина во нашата држава –  децидни се од Министерството за образование.

Од Министерство за труд и социјална политика одговорија дека со воведувањето на оваа услуга во 2018 година, досега се обучени вкупно 111 персонални асистенти.

– Во 2019 година во тек се спроведување на нови обуки за персонални асистенти. Со оваа програма ќе се обезбеди персонална асистенција за 150 корисници кои имаат тешка или најтешка физичка или сензорна попреченост. Во моментот услугата ја користат 62 лица со попреченост. Овие лица добиваат помош во домот, но и надвор од него при извршување на секојдневните лични и работни обврски. Услугата во 2018 година отпочна да се спроведува во Битола, Струга, Куманово, Неготино, Гостивар, Струмица, Велес, Тетово и Скопје, а во 2019 година се проширува во градовите Велес и Тетово – објаснија од Министерството за труд и социјална политика.

Од таму додаваат дека корисници на оваа програма се лица со потешка или најтешка телесна попреченост и потполно слепи лица, кои се државјани на Република Северна Македонија со постојано живеалиште или престојувалиште  во државата, се на возраст од 18 до 64 години. Поради попреченоста тие не можат да ги извршуваат или имаат тешкотии во извршувањето на секојдневните активности поврзани со независен личен и семеен живот и активно вклучување во општеството, образовниот процес или на пазарот на трудот. Тие сакаат да живеат во независно или заедничко домаќинство надвор од институциите за целодневна институционална заштита, имаат способност самостојно да донесуваат одлуки за идентификација и за задоволување на потребите и за давање насоки за активностите на персоналниот асистент и имаат потреба од асистенција во извршувањето на секојдневните активности во времетраење од најмалку 20 часа неделно.

Персоналната асистенција се регулира во новиот Закон за социјална заштита кој е во собраниска процедура и со тоа се гарантира одржливост на персоналната асистенција како услуга.   (А.П.)