Ученички од Индија открија астероид блиску до Марс

144

 Две ученички од Индија, со помош на слики од телескопот на Универзитетот на Хаваи, откриле астероид што се движи кон Земјата, објави вчера Индискиот институт за вселенско образование.

Астероидот во мигов е блиску до Марс и се очекува да ѝ се доближи на Земјата за околу еден милион години, објави Спејс Индија – приватен институт каде што учат 12-годишните девојчиња.

– Возбудена сум што добив шанса да го именувам астероидот, рече Вајдехи Векарија, која додава дека еден ден сака да стане астронаут, како и нејзината другарка Радика Лахани. Астероидот е првично наречен ХЛВ-2514, но ќе биде формално именуван дури по потврдата на НАСА дека се работи за новооткриено вселенско тело.

Астероидите и кометите претставуваат потенцијална опасност за Земјата, а научниците откриваат илјадници секоја година. Астероид потежок од Ајфеловата кула, 2013 година експлодираше над централна Русија. Во несреќата беа повредени повеќе од 1.000 луѓе.