Ученици од „Стив Наумов” денес беа во посета на Редакција ВЕЧЕР, на Европски универзитет и на Стоматолошки клинички центар „Проф. д-р Бојо Андрески”

Дедо ми е најдобар пријател со весниците, СЈО–МЈО јас ништо не разбирам, што треба да учам за да бидам новинар, колку време треба да се направи еден весник, има ли некој факултет што трае три години… ова се само дел од прашањата кои четвртоодделенците од ООУ „Стив Наумов”, од Скопје, ги поставија при денешната посета на дневниот весник ВЕЧЕР.

Исполнувајќи ја Редакцијата со детски џагор, тие се запознаа со начинот како се прави еден дневен весник, како се доаѓа до информации и како тоа „со еден клик стигнува во печатница”.

Дечињата го посетија и Европски универзитет и Универзитетски стоматолошки клинички центар „Проф. д-р Бојо Андрески”,  каде што се интересираа за тоа што треба да учат за кога ќе пораснат да станат доктори, стоматолози, правници, економисти…