Главниот координативен кризен штаб за справување со ковид-19 одлучи да ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести и да ѝ предложи на Владата измена на одлуката со која учениците во основните училишта ќе посетуваат настава без маски, освен ако ученикот по сопствена волја не бара да носи заштитна маска. За наставниците и за останатите вработени во училиштата останува препораката за носење маски. На потег е Владата, која се очекува да даде зелено светло за овие мерки, на утрешната седница, а се очекува олабавување и на другите мерки


Главниот координативен кризен штаб за справување со ковид-19 одлучи да ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести и да ѝ предложи на Владата измена на одлуката со која учениците во основните училишта ќе посетуваат настава без маски, освен ако ученикот по сопствена волја не бара да носи заштитна маска. За наставниците и за останатите вработени во училиштата останува препораката за носење маски.

Кризниот штаб донесе заклучок да ја достави до Владата и препораката за физичко присуство на наставата на факултетите, со силен апел за вакцинација и на студентите и на образовниот кадар. Освен овие мерки, Кризниот штаб ѝ предложи на Владата да ја измени одлуката за максимална исполнетост на капацитетите во затворен простор – од досегашните 50% да се зголеми на 75% со задолжително носење заштитни маски и почитување на останатите протоколи за заштита од ковид, а прифатен е и заклучокот на Комисијата за заразни болести Владата да го укине делот од протоколот за угостителските објекти со кои се бара сертификат за вакцинација за отворените простори на локалите, додека за затворените делови останува обврската за задолжително поседување сертификат за вакцинација или за прележаност од ковид-19.

На потег е Владата, која се очекува да даде зелено светло за овие мерки, на утрешната седница, а се очекува олабавување и на другите мерки.

– Секоја препорака од Комисијата е добредојдена. Ако тие имаат проценето дека маските за децата во основно не се потребни, јас ја прифаќам таа препорака. Секој вторник има седница на Владата. Ако е донесена, ќе треба да се почитува – вели министерот за образование Јетон Шаќири.

И додека се чека натамошно олабавување на мерките,  продолжува карванот за вакцинација во организација на Министерството за здравство, со поддршка од Светската здравствена организација, УСАИД и УНИЦЕФ.

Од ресорното Министерство остануваат на ставот дека вакцинацијата е единствениот излез од пандемијата.

Во однос на состојбата со ковид-19 на Балканот, Грција се стреми, како што се приближува летниот период, така постепено да ги укинува рестриктивните мерки наметнати од пандемијата, а до Велигден, според најавите од министерот за здравство, се очекува да се олабават низа рестрикции.

Министерот за здравство на Грција, Танос Плеврис, во изминатите денови потенцираше дека намерата е, чекор по чекор, деескалација на мерките.

Во Бугарија се укинуваат антиковид мерките, вклучително и сертификатот за влез во земјата. Владата на Бугарија нема да го продолжи рокот на епидемиската вонредна состојба воведена во земјава по 31 март 2022 година. Одлуката е донесена откако детално разговарале членовите на кабинетот. Од 1 април 2022 година ќе се укинат привремените антиепидемиски мерки што ги воведе министерот за здравство на територијата на државата, а се однесуваат на: носење заштитна маска за лице на затворени јавни места; почитување на физичка дистанца; ограничувања на бројот на лица кои можат да ги посетуваат внатрешните локации во исто време; ограничувања за спроведување обука лице в лице во високото образование; забрана за посети на болници и социјални служби; условот на работодавачите да им биде дозволено да присуствуваат на работа со можност не повеќе од 50% од персоналот. Одлуката ќе биде донесена неделава. Се најавува и укинување на зелениот сертификат за влез во Бугарија на земјите од Европската Унија. (В.М.Б.)