Иако до 1 септември, кога во некој нормални времиња стартуваше учебната година останаа неполни десетина дена, никој во Македонија нема одговор на прашањето, кога и како ќе почне наставата. До денеска, до МОН, пристигнати се само три барања  од општини, и тоа две од училишта од Крива Паланка и едно од скопската општина Петровец за почеток на наставата со физичко присуство на учениците, велат за весникот ВЕЧЕР од Министерство за образование. Според сите индиции, наставата, веројатно, нема да започне на 1 септември, како што тоа е случај во неколку земји од регионов

 

Иако до 1 септември, кога во некои нормални времиња стартуваше учебната година останаа неполни десетина дена, никој во Македонија нема одговор на прашањето, кога и како ќе почне наставата. И покрај тоа што Владата донесе одлука да може да се реализира настава со физичко присуство во училиштата со помал број ученици, но само доколку основачот на училиштето поднесе барање до Министерството за образование и наука со образложение за исполнетоста на критериумите, надлежните од ова министерство велат дека  до овој момент, поточно вчера пристигнати се само три барања од општини, и тоа две од училишта од Крива Паланка и едно од скопската општина Петровец за почеток на наставата со физичко присуство на учениците, велат за весникот ВЕЧЕР од Министерството за образование.

-Согласно усвоените заклучоци на владина седница, новата учебна 2020/2021 година ќе започне со онлајн-настава, со исклучок на учениците од прво до трето одделение кои ќе можат да посетуваат настава во училница, а воедно и училиштата со помал број ученици и паралелки во средини со стабилна епидемиолошка состојба ќе може да организираат класична настава, откако претходно општините ќе добијат согласности од Владата. До овој момент  пристигнати се само три барања, а во тек е изјаснувањето на родителите дали сакаат нивните деца да учат од дома или од училница. Значи крајната одлука  ја носат родителите на учениците, велат од министерството.

Истовремено од МОН истакнуваат дека планот за организација на новата учебна година е изготвен и е доставен на разгледување и усвојување од страна на Владата, заедно со протоколите за различните модели на настава кои истиот ги предвидува (онлајн настава, настава со физичко присуство и комбинирана настава). Во протоколите е прецизирано како да се постапи со ученици кај кои при влез во училиштето или пак, за време на настава ќе бидат увидени симптоми на вирусот.

-Во моделот – настава со физичко присуство, наставникот ќе биде присутен во училницата и ќе ја предава материјата непосредно пред учениците чии родители одлучиле тие да посетуваат настава со физичко присуство. Доколку во паралелката одредени родители побараат учениците да следат онлајн настава, часот ќе се пренесува во живо за сите нив (ученици кои следат настава од дома), или пак доколку можностите не дозволуваат стриминг во живо, часот ќе се снима и потоа проследи до сите останати ученици преку апликациите кои се користеа и во изминатата учебна година, или ќе му се достават печатени материјали на секој ученик одделно. Исто така, наставникот може да одбере веќе снимен час на соодветната тема поставен на ЕДУИНО, потенцираат од МОН.

Средношколците вчера на состанок на Комисијата за заразни болести

И додека се чека демистифицирање на големата непознаница наречена нова учебна година, Сојузот на средношколци се подготвува за протест на 31 август  против одлуката на Министерството за образование за целосна онлајн настава. Тие се залагаат за комбиниран модел на настава, онаму каде што дозволуваат условите.

„Протестираме против одлуката за целосно онлајн настава. Се залагаме за комбиниран модел, каде што дозволуваат условите да се применуваат различни локални методи. Рутата на протестот останува иста – започнуваме пред МОН, а протестот завршува пред Владата на РСМ“, велат од Сојузот на студенти.

Тие ги покануваат наставниците и родителите кои се залагаат за ваков децентрализиран пристап, наместо едно решение за сите групи, да им се придружат. Вчера претставниците на Сојузот на средношколците беа на состанокот на Комисијата за заразни болести каде ги претставија барањата на учениците за почеток на учебната година. Она што беше пред сѐ предмет на дискусија е периодот на имплементација на одредени протоколи, за кои Комисијата инсистира да бидат имплементирани етапно, согласно епидемиолошката состојба во земјата.

Министерот за здравство  Венко Филипче пред средношколците го објасни процесот на воведување и попуштање на рестриктивните мерки согласно епидемиолошката состојба. Тој информираше дека сите мерки за превенција донесени врз основа на стручните анализи и препораки на Комисијата се во интерес на заштитата на здравјето на децата и родителите.

На состанокот двете страни се заложија да продолжат со интензивна комуникација, со цел добра организација и имплементација на мерките за спроведувањето на наставата во претстојната учебна година. Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести се заинтересирани за соработка со сите чинители, заедничката комуникација продолжува и понатаму.

Како се организира регионот  

 Додека сите чекаат надлежните да го одредат точниот датум за старт на новата учебна година, земјите од регионот веќе утврдија и датум и официјални прописи како ќе се одвива наставата.

Во поголемиот дел од земјите часовите ќе се одвиваат со физичко присуство, но со посебни протоколи.

.Во Грција училиштата се отвараат на  7 септември 

Во Грција стартот на новата учебна година е на 7 септември. Министерот за образование и религија, Ники Керамос истакна дека тие се одлучни за настава со физичко присуство на децата.

-Нашата комуникација со Министерството за здравство и членовите на Националниот комитет за заштита на јавно здравје од коронавирусот е константна со цел постојано ажурирање и прилагодување на образовниот процес во посебните услови низ кои минуваме. Како и во минатото, па сега, предлозите на експертите се оние кои не водат кон зголемени мерки на претпазливост и мерки за да се обезбеди јавно здравје каде и кога се потребни. Во блиска иднина и веднаш штом ќе завршат релевантните дискусии со Комисијата, Министерството ќе ја објави целосната рамка за повторно отворање на училиштата, изјави Керамос.

И во Бугарија наставата ќе се одвива со физичко присуство 

Во Бугарија, новата учебна година ќе почне на 15 септември сосема исто како и во претходните години кога во земјата немаше епидемија на коронавирусот, што значи дека децата ќе бидат физички присутни во училниците. Одлуката е конечна. Според министерот за образование Красимир Валчев, таков е случајот скоро во сите европски земји. Ако има болни деца или наставници, ќе има учење од далечина.

Постои предлог за измени во законот, така што некои деца можат да останат да учат дома, повеќе од 30 дена, а ова ќе биде возможно само од медицински причини.

Родителите во Бугарија, пак, нудат нов начин за започнување на учебната година. Наставниците кои, од здравствени причини, сакаат да предаваат на Интернет или децата чии родители не сакаат да ги пуштат на час, треба да се префрлат целосно на учење преку Интернет. Тие, исто така, направија петиција со која се бара секој да има право на избор.

Секое бугарско училиште треба да има топла вода и сапун како мерка против ширењето на коронавирусот – ова го бараат Здружението на родители од Главниот здравствен инспектор Ангел Кунчев и министерот за образование Красимир Валчев.

На 14 септември отвараат училиштата во Албанија 

И во Албанија најавено е дека учебната година ќе почне на 14 септември. И покрај зголемените случаи на заболени од коронавирус, како и големиот број на смртни случаи, албанските ученици ќе се вратат во училниците, бидејќи училиштата и универзитетите ќе ги отворат вратите во септември.

Министерката за образование Беса Шахини ја објави веста минатата недела, нагласувајќи дека општините се задолжени за редовна дезинфекција на објектите, а учениците ќе добијат инструкции како правилно да се придржуваат до строгите протоколи. Во тек е изготвување на протоколите што ќе го водат повторното отворање на училиштата. Сценаријата ќе варираат од едно до друго училиште, во зависност од бројот на ученици кои одат на нив, но засега е извесно дека наставата ќе се изведува со физичко присуство на децата.

Во Србија комбиниран модел на настава 

Во соседна Србија, властите одлучија да има комбиниран модел на наставата која таму ќе започне на 1 септември, бидејќи сметаат дека епидемиолошката состојба во моментов не дозволува целосно да се одвива наставата со физичко присуство во сите училишта. Учениците од прво до петто одделение ќе одат во школо, при што маските ќе бидат задолжителни, а часовите ќе бидат скратени. За останатите, односно повозрасните ученици, веќе е организирана настава преку телевизија, но посебно нагласуваат дека проверката на знаењата ќе се одвива во училиштата.

Епидемиолозите сметаат дека родителите не треба да стравуваат за здравјето на нивните деца, бидејќи истите тие деца со месеци се дружат и поминуваат заедно, додека во училиштата ќе биде задолжително да се почитуваат одредени мерки на заштита со различна организација на часови.

Засега наведуваат пет основни правила за училиштата: ако еден ученик се зарази, другите ќе бидат тестирани, но ќе продолжат со настава.; ако коронавирусот се појави во семејството на ученикот, тој нема да оди на училиште, иако не е заразен; доколку се појават проблеми на училиште, на час, наставникот е должен да ги повика родителите да си го земат детето; учениците можат да ги извадат маските додека седат во клупа, но мора повторно да ја стават кога ќе отидат во тоалет, на голем одмор; маските се задолжителни, но трислојни маски нема да бидат потребни.

Црна Гора планира наставата да започне на 1 октомври

Црна Гора, пак, допрва ќе донесе детални препораки за тоа како ќе се организира наставата. Но, бидејќи државата сè уште не е подготвена, учебната година се планира да почне на 1 октомври.

Единствено на Косово властите немаат донесено никакви протоколи, а не се знае ниту кога учениците ќе почнат со настава.

Во Хрватска училиштата ќе се отворат на 7 септември. Онлајн настава ќе се организира само во исклучителни случаи со претходно одреден распоред за наставата во сите училишта кои поради епидемиолошки причини нема да може да имаат настава со физичко присуство. Словенија е најподготвена за учебната година. Според планот на властите, учебната година ќе стартува на 1 септември, но доколку епидемиолошката состојба се влоши, можно е одложување. Словенците се единствени на Балканот кои имаат модели за настава и во случај училиштата да останат отворени, и во случај да мора да се затворат.