УХМР ќе го мониторира квалитетот и загадувањето на Вардар и реките

32

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) преку платформа дигитално ќе го мониторира квалитетот и загадувањето на реките. Целта е да се обезбедат информации за статусот на водите, но и податоци за креирање оправдани, одржливи и ефикасни политики за користење и заштита на речните води.

– Податоците на УХМР се од исклучителна важност за да се проценат промените што настануваат во реките поради интензивните испуштања на отпад, отпадни води, пестициди и други загадувачки материи од домаќинствата, земјоделството и индустријата во речните води – образложи претставникот на Институтот за комуникациски студии, Дејан Андонов.

УХМР и досега ги објавувале податоците за квалитетот на водите во државата, но тие податоци биле поставувани во нумерички вредности кои не биле разбирливи за пошироката јавност.

– Затоа се решивме да ја направиме оваа алатка во која податоците за сите параметри кои влегуваат во проценка на квалитетот на општо физичко-хемискиот статус да се прикаже со сите измерени параметри. Според бојата, која е дадена во апликацијата, да може да се види дали водата од тој параметар е одлична, добра, прифатлива, слаба или во лош статус – објасни Радмила Бојковска од Секторот за квалитет на води на УХМР.

Според неа, во време на пандемија квалитетот на водата на реката Вардар, на одредени места е подобрена. Од УХМР очекуваат оваа зима да има повеќе снег и посочија дека новата дигитална алатка ќе ја поткрепат со нови хидролошки податоци.

Водостојите во последните денови бележат опаѓање после обилните врнежи од дожд кои се случија во изминатиот период. На некои места наврнаа над 100 литри на м2. Тоа се бројки кои воопшто не се занемарливи и за потценување. Во некои други околности за овие врнежи од дожд би зборувале за опасност од можност поплавување, или излевање на реките од своите речни корита.