Утре ќе се положат цвеќиња на спомен-плочата пред родната куќа на св. Мајка Тереза

218

Граѓанската асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“ по 20. пат ја организира манифестација „Денови на Св. Мајка Тереза“, која годинава е под знакот на 109-годишнината од нејзиното раѓање и која традиционално се одвива од 26 август до 5 септември.

Манифестацијата ќе започне утре во 10 часот на датумот кога е родена „Св. Мајка Тереза“ со положување цвеќиња на спомен-плочата на местото на нејзината родна куќа во центарот на Скопје и пред нејзиниот споменик на улица „Македонија“.

Активностите продолжуваат во 11 часот во Домот на АРМ, каде сликарот и хуманист Живко Поповски – Цветин ќе ја отвори изложбата на ликовни дела и фотографии посветени на св. Мајка Тереза и на фотографии на старо Скопје, по што ќе биде промовирана збирката песни „Со почит кон Мајка Тереза“ од група автори.

На 5 септември, денот на упокојувањето на св. Мајка Тереза, во Домот на АРМ со почеток во 20 часот ќе се одржи свечена академија на која ќе бидат доделени традиционалните посланија за хуманост и статуетки со ликот на св. Мајка Тереза на истакнати хуманисти и здруженија.

Годинешни добитници се: граѓанските хуманитарни здруженија „Банка за храна“ (претседател Душко Христов) и „Еурохуман Интернационал“ (претседател Сејфула Бектеши), општина Центар (градоначалник Саша Богдановиќ), Месната заедница Ласкарци – општина Сарај, Мики – Ли Мијалчиќ – заменик-командир во Полициската станица Центар, Сергеј Самсоненко – бизнисмен и хуманист и Свето Стаменов – новинар на Македонското радио – Радио Скопје, публицист и хуманист.

Во музичкиот дел на манифестацијата ќе настапат Мандолинскиот оркестар при МКЦ – Скопје со солистот на обоа Вултет Назири, под диригентство на Ванчо Јовчев, оперската певица Серафина Фантаузо, а музички партитури на виолина и пијано ќе изведат Ева и Марија Богоевски.