Утре се отвора Центарот за обука по прва помош на Црвениот крст на Град Скопје

375

Утре и официјално ќе биде отворен Центарот за обука по прва помош во рамките на Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ каде се и просториите Црвениот крст на град Скопје. Во овој центар ќе се спроведуваат и дополнителни обуки по прва помош за работни организации, за млади родители, обуки по прва помош за грижа во домот, како и обуки по прва помош на лица кои управуваат со пловни објекти.

Секретарот на Црвениот крст на град Скопје, Сузана Тунева-Пауновска вели дека во овој центар, обука по прва помош ќе можат да добијат и граѓаните кои имаат потреба да го обноват своето знаење по прва помош, при што ќе се формираат посебни групи.

– За нив обуките ќе бидат бесплатни. Исто така, во овој центар ќе се спроведуваат и обуки по прва помош за припадниците на АРМ, на Министерството за внатрешни работи и за сите други институции кои ќе имаат потреба и желба да ја научат првата помош – вели Тунева – Пауновска.   

Центарот располага со пет училници опремени со компјутерска опрема, 27 лекари-предавачи, 24 демонстратори по прва помош. Обуката ќе се одвива на македонски и на албански јазик, а во процедура е подготовка на обука и на турски јазик. Секое лице кое ја завршува обуката добива сертификат и прирачник, за да може постојано да го освежува своето знаење по прва помош.

Овој Центар ќе работи од понеделник до сабота, во две смени и тоа од 8 до 20 часот. Пауновска потенцира дека идејата за формирање на ваков центар е да се подигне нивото на знаење на кандидатите кои што полагаат прва помош за возачи, бидејќи истражувањето на Црвениот крст во изминатите години покажа дека тие многу слабо ја познаваат.

– Токму поради тоа побаравме измена во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а од друга страна Црвениот крст е членка на Меѓународниот референтен центар по прва помош во Париз и сме привилегирана организација која навремено ги добива сите новини за правилно давање на прва помош во случај на незгода – вели Тунева – Пауновска.

Исто така, Црвениот крст, согласно Законот за Црвен крст што го носи Собранието има обврска да спроведува обука по прва помош во текот на годината на три проценти од населението. Со измените за Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, од крајот на декември, минатата година, Црвениот крст стана единствен субјект во државата  кој ќе ги спроведува и каде ќе се одржуваат обуките по прва помош за возачите.

(А.П.)