Утре најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, започнува со активна блокада на Собранието откако денеска истече рокот кој го даде таа за да се закаже лидерска средба на која ќе се разговара за предвремени избори. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“, Никола Мицевски, денеска информираше дека одлуката за блокада била едногласно прифатена.

„Активната блокада е последица, реакција на акцијата на Владата на Ковачевски, предводена од СДСМ и од ДУИ кои не покажаа чувство за државност и одбија секаква можност на дијалог по најважните прашања во оваа држава. Епилогот активна блокада следува откако претходно Ковачевски и Владата одбија дијалог во четири клучни области за граѓаните – економија, здравство, образование и меѓународна политика, со акцент на блокадите од Бугарија“, порача Мицевски.

Премиерот Димитар Ковачевски во својата изјава викендов беше дециден дека лидерска средба заснована на уцени и закани нема да има, а најавената блокада во време на војна во Украина и во услови на криза ја смета за неодговорен чекор. Денеска, од СДСМ повторија дека блокирање на законите кои се од витален интерес за граѓаните е начин со кој Мицкоски се обидува да го покрие неуспехот од шестмесечното владеење на своите градоначалници.

Но, најголемата опозициска партија, сепак, не губи надеж дека премиерот ќе го промени ставот. Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Клековски, викендов, во ТВ-настап, истакна дека е неопходна лидерска средба поради нарушениот владин легитимитет.

„Средба мора да има, бидејќи легитимитетот на оваа Влада е нарушен. Легитимно е владејачкото мнозинство да распише избори кога смета дека е најповолно за него, како што е легитимно ВМРО-ДПМНЕ да бара избори сега, кога смета дека е најповолниот момент. Она што не е во ред е тоа дека СДСМ и ДУИ се служат со нелегитимни методи за да останат на власт. На пример, го повлекоа законот за финансирање на јавните претпријатија што го спремаа додека беа нивните градоначалници на власт, бидејќи голем дел од општинските јавни претпријатија се гушат во долгови. Го повлекоа законот затоа што сега им одговара локалната самоуправа да се загуши“, истакна Клекоски.

Во неделата, премиерот Ковачевски уште еднаш истакна дека лидерска средба може да има, но само за стратешките прашања, кои ќе овозможат подобар живот на граѓаните и кои се однесуваат на справување со енергетската криза.

„Лидерска средба заснована на уцени и закани, а го гледаме претседателот на ВМРО ДПМНЕ одбројува како во некој лош акционен филм, таква лидерска средба нема да има, тоа е ставот на сите политички партии, дури и од партии кои се во опозицискиот блок“, истакна Ковачевски.

Најавата за блокада на Собранието од страна на најголемата опозициска партија во време на војна во Украина и во време кога цените на енергенсите и на храната постојано растат, како што посочи, е неодговорна и е за политички цели.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, предупредува дека Македонија е во енергетска криза, која, според нив, е предизвикана од криминалот и неспособноста на раководните лица во енергетиката и Владата, и економска, која е резултат на ненавременото планирање, неспособноста и криминалот.

„И двете големи кризи се резултат на СДСМ и ДУИ. И тие не можат да бидат решение. Зошто не знаат и немаат план“, порачаа од опозициската партија и викендов повторно побараа од Ковачевски да договорат датум за избори.

Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) викендов ги објави резултатите од кусата телефонска анкета спроведена во периодот помеѓу 4 и 6 мај, на ниво на цела држава, за потребата од предвремени избори. На прашањето дали Владата, предводена од СДСМ, треба да остане на власт до крајот на мандатот во 2024 година или се потребни предвремени парламентарни избори, 39,1 отсто се определиле за предвремени избори, 32,5 проценти сметаат дека СДСМ треба да остане на власт, а 28,4 отсто одговориле со „не знам“.

По објавувањето на анкетата, СДСМ истакна дека ова истражување е очаен обид на ВМРО-ДПМНЕ со нарачани и лажирани анкети да го храбри Мицкоски во своите деструктивни чекори и блокади.

„Оваа агенција и во 2020 година предвидуваше победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на парламентарните избори, па не се случи тоа, напротив. Предвидувањата им беа неточни, ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори доживеа пораз. Ниту една лажна анкета нема да му помогне на Мицкоски“, истакнуваат социјалдемократите и порачуваат дека имаат план и дека ќе им се спротивстават на обидите за блокада, со цел потребните законски измени да бидат донесени во интерес на граѓаните и на државата.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на седница минатата среда даде поддршка за активна блокада на Собранието, што ќе подразбира филибастеринг, илјадници амандмани на секој владин проект, бескрајни пратенички дискусии, блокирање на работата на комисиите и пленарните седници. Мицкоски претходно истакна дека блокадата нема да се однесува на оние закони што се однесуваат за помошта кон граѓаните за повисоки плати и пензии.

Во Собранието, во меѓувреме, остануваат блокирани повеќе законски решенија како што се: законот за клинички центар, законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, законот за службата во Армијата… а до крајот на мај, во Собранието треба да се најде и најавениот ребаланс на Буџетот.

(И.С.)