Утре нова цена на струјата, ќе има ли евтина дневна тарифа?

Цената на електричната енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи ќе се зголеми до 10 отсто. Но, сепак од Владата сè уште без одговор на прашањето дали по Нова година ќе остане евтината тарифа. И покрај тоа што надлежните смируваат дека сметките за струја нема да бидат многу повисоки, сепак стопанството алармира дека нè очекува тежок период и оти домаќинствата и компаниите ќе се соочат со нов струен шок

913

Утре ќе се знае новата цена на струјата за домаќинствата, која според министерот за економија Крешник Бектеши нема да биде повисока од 10 отсто. Но, сепак од Владата сè уште без одговор на прашањето дали по Нова година ќе остане евтината тарифа. Од државната ЕСМ која утре треба да достави понуда до ЕВН Хоум потврдија дека во 2022 година кон ЕВН Хоум ќе испорачуваат 100 проценти електрична енергија наместо досегашниот минимум од 60 отсто. Сепак, според експертите, државата ќе мора да увезува струја, независно од цената на светските берзи бидејќи домашното производство е многу мало и не може да ги задоволи потребите. Тие се скептични и во однос на цената на струјата, не знаат како ќе успее државата да ја држи цената толку ниско, а притоа да не увезе струја.

-Цената на електричната енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи ќе се зголеми до 10 отсто. Новата цена ќе се знае на 9 декември. На затворена владина седница веќе е усвоена одлука со која ЕСМ ќе учествува на јавен тендер објавен од универзалниот снабдувач, во овој случај ЕВН Хоум. Јас само можам да потврдам дека крајната цена според сите проекции што сме ги правеле ние како енергетски тим во рамки на Владата, нема да биде над 10 отсто за домаќинствата и граѓаните, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.

И покрај тоа што надлежните смируваат дека сметките за струја нема да бидат многу повисоки, сепак  стопанството алармира дека нè очекува тежок период и оти домаќинствата и компаниите ќе се соочат со нов струен шок.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески вели дека компаниите ќе се соочат со загуби поради поскапата струја, но уверува дека ќе направат сè за ударот да не предизвика затворање на компаниите. Рече дека спиралата на поскапување била на светско ниво и, секако, дека нема да ја поштеди ни земјава.

-Сите знаеме дека ситуацијата со струјата ќе се одрази лошо. Компаниите да бидат мирни, бидејќи ќе сториме сè што е во наш интерес и ќе спречиме шоковите да предизвикаат дополнителни трошоци и на компаниите, и на бизнисите и на граѓаните. Факт е дека ценовен шок нè очекува сите од Нова година, вели Азески.

Според него, стабилизација на цената на струјата се очекува дури кон средина на следната година, а до тогаш, како што вели, нè чека тешка зима.

Експертите се согласни дека зголемувањето на цената на струјата од 10 отсто е нереално. Според нив, во тој случај Владата ќе мора да ги зголеми даноците, казните и другите давачки за да ја компензира разликата од цената по која струјата се продава на светските берзи.

Експертите велат дека Владата задоцнила со изградба на капацитети. Малите хидроцентрали се само „капка во море„, бидејќи една мала хидроцентрала може да ги задоволи потребите само на неколку домаќинства, а изградбата на големите е задоцнета, бидејќи за изградба на една ХЕЦ потребни се минимум 10 години. Дека хидропотенцијалот е на ниско ниво, потврдија и од ЕСМ од каде велат дека тој ќе биде користен само за системски и балансни услуги.

(А.С.)