Утре генерален штрајк на островите од северниот дел од Егејското Море

58

По инцидентите во текот на ноќта и почетокот на изградбата на затворените центри за бегалци и мигранти, периферијата што ги опфаќа островите од северниот дел на Егејското Море и општините, по одржаниот состанок, за утре закажаа генерален штрајк на островите во знак на протест против, како што велат, „апсурдното насилство на полицијата”, јави дописничката на МИА од Атина.

Среда, 26 февруари 2020 – ден на генерален штрајк во северниот дел на Егејското море во знак на протест и динамична реакција на жителите за апсурдното насилство и употребата на солзавец од специјалните полициски единици по наредба од владата, напиша Костас Муѕурис, префектот на островите од северниот дел на Егејското море на неговиот официјален „Фејсбук” профил.

Паралелно вели дека островите нема „да се претворат во затвори и постојан дом на десетици илјади имигранти, како што бара државата”.

Во утрешниот генерален штрајк, за сега, соопштија дека ќе учествуваат рестораните, таверните и кафулињата од Лезбос, стопанската комора, како и здружението на трговци од островот.

Извор:МИА