Утре во Скопје посебен режим на сообраќај 

68

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека утре поради најавено одржување на протест, со почеток во 06.00 часот, полициски службеници од СВР Скопје ќе преземат мерки за посебен режим на сообраќајот.

Посебниот режим на сообраќај ќе биде воспоставен на булевар „Илинден“ – од крстосницата на булевар „Илинден“ со булевар „Св. Климент Охридски“, до крстосницата од булевар „8 Септември“ и булевар „Илинден“ – крстосницата од улицата „11 Октомври“ и булевар „ Кочо Рацин“ (Црвен крст) и крстосницата од булевар „Гоце Делчев“ и булевар „Крсте Мисирков“ (Судска палата).

Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до сите граѓани да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот со цел безбедност на сите учесници во сообраќајот.