Утврден стартот на работите на автопатните правци Тетово-Гостивар-Букојчани, Требеништа- Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола

110

На денешната 55-та седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за одржаната втора седница на Комитетот за преговори за склучување на Договор за градење на Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и Проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола), на којашто е формиран тимот за експропријација предводен од Министерството за финансии и во којшто се вклучени претставници за ефикасно спроведување на овој процес.

Како информира владината прес-служба, согласно оваа информација, Владата го задолжи Јавното претпријатие за државни патишта во рок од 10 дена да формира Проектна единица за спроведување на проектот, којашто е предвидена со Договорот за градба со стратешкиот партнер „Бехтел и Енка“ за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп – Битола).

Почетокот на работите на овие автопатни правци е предвиден за август и септември оваа година, се додава во соопштението.