Уставни измени или оставки!

И додека власта уверува дека ќе бидат обезбедени потребните пратеници, постапката за отворање на Уставот се најавува, но никако да почне. Опозиционерите остануваат на ставот: нема ниту еден пратеник во коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ кој е подготвен да гласа за промена на Уставот. – Слушавме и во септември, па во октомври, потоа во февруари, март, а еве поминува и мај, дека имаат две третини во Парламентот. Па тогаш еднаш нека се охрабрат и нека го поднесат тоа барање и Али Ахмети и Димитар Ковачевски. Нека се гласа, да видиме како ќе се изгласа – рече Мицкоски

542

Власта да се охрабри и да ги стави уставните измени на гласање, повика уште еднаш опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски. Опозицијата останува на ставот дека нема да поддржи уставни измени под овие услови и потенцира дека ако го нема мнозинството, премиерот Димитар Ковачевски треба да поднесе оставка.

– Ја користам оваа пригода и го повикувам човекот кој е поставен таму, Димитар Ковачевски, и вистинскиот кој ја води Владата, Артан Груби заедно со Али Ахмети, да ги достават овие барања во Парламентот, односно да ја достават потребата за отворање на Уставот за да можат да се изјаснат пратениците. Слушавме и во септември, па во октомври, потоа во февруари, март, а еве поминува и мај, дека имаат две третини во Парламентот. Па тогаш еднаш нека се охрабрат и нека го поднесат тоа барање и Али Ахмети и Димитар Ковачевски. Нека се гласа, да видиме како ќе се изгласа – рече Мицкоски.

Доколку Парламентот не го обезбеди потребното мнозинство да ја изгласа потребата за отворање на Уставот, што е прва фаза од процесот, Мицкоски вели дека беспредметна е работата и на експертската комисија.

– Тие експерти добиваат пари од буџетот за работа за која во моментов немаат мандат. Тие можат да добијат мандат само во случај доколку Парламентот изгласа потреба за отворање на Уставот. Доколку Парламентот во првата фаза не изгласа, а што ќе се случи, потреба за отворање на Уставот, тогаш нивната работа е беспредметна. И хонорарите што ги добиваат од вас, граѓаните, ќе бидат практично злоупотреба на финансиските средства на граѓаните, бидејќи тие сега немаат мандат да зборуваат за уставни измени – рече Мицкоски.

Според него, работна група за уставни измени надвор од официјалниот дел наводно разговара за измени во преамбулата, со кои Македонија ќе се редефинира како држава на два народа, а другите граѓани ќе бидат етнички заедници и малцинства.

– Токму на информациите што доаѓаат од истата таа работна група, од луѓето што го зборуваат тоа надвор од официјалниот дел од работата на таа т.н. работна група, преамбулата да биде променета и да биде, практично, Македонија редефинирана како држава на два народа, етнички заедници и потоа малцинства. Во три столба ги градираат сите наши сограѓани и тоа е дојдено како информација директно од работната група – рече Мицкоски.

И додека власта уверува дека ќе бидат обезбедени потребните пратеници, постапката за отворање на Уставот се најавува, но никако да почне. Опозиционерите остануваат на ставот: нема ниту еден пратеник во коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ кој е подготвен да гласа за промена на Уставот.

Од најголемата опозициска партија велат дека доколку не се променат условите, ниту во овој ниту во следниот парламентарен состав нема да гласаат за уставни измени. Потенцираат дека нема да прифатат промени во Уставот, освен ако се примени хрватскиот модел, каде што ќе стои дека Македонија е национална држава на македонскиот народ.   (Ј.Ц.Г.)