Уставниот суд го отфрли барањето на Антонијо Милошоски

40

Уставниот суд денеска го отфрли барањето на Антонијо Милошоски кој сметаше дека обвинението против него за случајот „Моќник“ е поднесено од политички причини бидејќи е во опозиција.

Милошоски бараше Уставниот суд да го процени неговото барање за заштита на слободи и права во однос на обвинението. Уставниот суд пак оцени дека „обвинителниот акт не претставува поединечен акт со кој се одлучува за поединечни слободи и права за граѓаните, односно за ограничување или одземање на одредени слободи и права гарантирани со Уставот“. Обвинието според Уставниот суд е поднесок, односно едностран процесуален акт кој е основа за водење на кривична постапка.

Предметот „Моќник“ беше отворен од поранешното Специјално јавно обвинителство и во него покрај Милошоски,  обвинети се уште дванаесет лица, меѓу кои и таткото на Милошоски, ексградоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески како и  претседателот на некогашната Лустрациска комисија Томе Аџиев и деветмината нејзини членови.

Предметот се однесува за продажба на имот (зграда од 157 квадратни метри и дворно место од 3 920 квадратни метри) во село Ижишта, кој бил во сопственост на Општина Македонски Брод, а го користела Општина Пласница. Имотот бил продаден на таткото на пратеникот. Штетата што ѝ е направена на Општина Македонски Брод и на државниот буџет, според обвинителството, е околу 50 000 евра.